Тројца загинати на анти-владините протести во Венецуела

Најмалку тројца луѓе го загубија животот на протестите во Венецуела против владата на Претседателот Николас Мадуро.

Застрелани биле тинејџер во главниот град Каракас и жена од Сан Кристобал, во близина на границата со Колумбија, додека убиен е и припадник на армијата јужно од престолнината, пренесува ББЦ.

Десетици илјади граѓани протестираа со барања за нови претседателски избори и ослободување на затворени опозициски политичари. Мадуро ја обвинува опозицијата за напаѓање на полицијата, како и за грабежи во продавници, додавајќи дека биле уапсени повеќе од 30 луѓе.

Демонстрантите протестот го нарекоа „вториот Ден на независноста“.

Истовремено опозицискиот лидер Енрике Карпиљес повика на нови масовни протести за денес.

И покрај тоа што ги имаат најголемите светски резерви на нафта, Венецуела неколку години има проблеми со висока инфлација, зголемување на криминалот и недостиг на основни продукти.

Протестите кои се одржуваат низ земјата се меѓу најголемите во последните три години, ставајќи повеќе притисок врз Претседателот Мадуро да влезе во преговори со опозицијата и да најде начин да се стабилизира економската криза во земјата.

Редовни избори во Венецуела нема да се одржат пред крајот на 2018-та година, но опозицијата предупредува дека земјата е на работ на пропаст. Меѓународниот Монетарен Фонд очекува инфлацијата во оваа јужноамериканска земја да достигне 700% оваа година.

Последната криза е предизвикана од минатомесечната одлука на Врховниот суд кој официјално ја укина моќта на опозициски контролираниот парламент. Судот ја повлече одлуката по три дена, но тоа беше предоцна за да се спречи нов бран протести.

Во Велецуела веќе неколку недели има судири меѓу демонстранти и полицијата. Со жртвите од вчерашниот ден, бројот на загинати се искачи на најмалку 8, додека голем е бројот на повредени.