Милиони луѓе во Венецуела се приклучија на генералниот штрајк кој го повика опозицијата додека расте притисокот врз претседателот Николас Мадуро да го откаже изборот на Уставна комисија.
Во судири на полицијата и демонстрантите загинале најмалку три луѓе, јавува ББЦ. Повеќе од 300 лица биле уапсени.
Демонстрантите ги блокирале патиштата во главниот град Каракас и на други места со ѓубре и мебел. Опозицијата тврди дека 85% од земјата се приклучила кон штрајкот.
Во неколку градови полицијата фрлила солзавец во пресметките со демонстрантите. Една жртва била пријавена на периферијата на Каракас, додека други две лица починале во градот Валенсија, на северот на земјата.
Мадуро изјавил дека поддршката за штрајкот била минимална и дека неговите предводници ќе бидат уапсени. Во про-владините места на главниот град, животот се одвива нормално со отворени продавници и гужви на улиците. Според медиумските информации, државните административци работеле нормално.
„Работата победи, љубовта, животот и надежта – работата триумфираше. Оние (опозицијата) кои никогаш не работеле, нека продолжат да не работат, ние одиме напред, другари. Наредив апсење на сите фашистички терористи“, изјавил Мадуро во телевизиски говор.
Од април, кога се интензивираа опозициските протести, ширум земјата загинаа скоро 100 луѓе.
Колумбија, Франција, Шпанија, САД и ЕУ ја повикаа венецуелската Влада да ги откаже изборите за Уставна комисија на 30-ти јули, додека Мадуро одбива да го направи тоа. Оваа Комисија би имала овластување да го промени уставот и да го заобиколи законодавниот дом контролиран од опозицијата.
Опозициските политичари сметаат дека Мадуро сака да ја искористи Комисијата да се зацврсти на власта, додека претседателот тврди дека новиот устав би промовирал дијалог во поделената држава.