Тројца хемичари добија Нобелова награда за примена на Дарвиновите принципи во епрувета

Двајца американски и еден британски научник се добитници на Нобеловата награда за хемија за 2018 година за нивните откритија во контролирањето на еволуциските процеси за развивање протеини кои се користат во хемиската индустрија и медицината.

Половина од наградата припадна на Франсес Х. Арнолд, од Институтот за технологија во Калифорнија за насочена еволуција на ензими, додека другата половина е поделена помеѓу Џорџ П. Смит од Универзитетот на Мисури и Грегори П. Винтер од Лабораторијата за молекуларна биологија во Кембриџ, Велика Британија, за нивната работа со бактериофази на пептиди и антитела.

Од Нобеловиот комитет посочија дека оваа година наградата оди кај научниците кои „ги примениле Дарвиновите принципи во епрувета“.

„Овогодишните добитници презедоа контрола врз еволуцијата и ги искористија истите принципи – генетските промени и селекцијата – за развивање протеини кои ги решаваат хемиските проблеми на човештвото. Методите кои ги развија овие научници сега се користат за поеколошка хемиска индустрија, производство на нови материјали, обновливи биогорива, ублажување болести и спасување животи“, соопштија од Нобеловиот комитет.

Арнолд, која стана петтата жена со Нобеловата награда за хемија, ја направила првата „насочена еволуција“ на ензими во 1993 година, протеините кои ги забрзуваат хемиските реакции. Ензимите создадени преку насочената еволуција се користат во производство на разни продукти, од еколошки и обновливи биогорива до лекови во медицината.

Смит во 1985 година го развил методот наречен „фазен приказ“ (phage display) во кој се користи бактериофаг, вирус кој инфицира бактерија, за еволуирање на нови протеини. Винтер го користел овој метод да произведе нови медицински лекови. Денеска со овој метод се произведуваат антитела кои неутрализираат токсини, спречуваат автоимуни болести и лечат метастазирани канцери. Првиот таков лек, адалимумаб, бил одобрен во 2002 година и се користи за лекување на ревматичен артритис, псоријаза и за воспалителни болести на цревата.