Трнлив е патот на Ромите во образованието

Правото на образование без дискриминација на ромската популација е сериозно загрозено и се уште постојат форми на сегрегација во образовниот систем, констатира последниот извештај на Институтот за човекови права насловен „Дискриминација на Ромите во образовниот процес“.

Трнлив е патот на Ромите во образованието

Загрижувачки е фактот што многу деца иако не се во категоријата на деца со посебни потреби, сепак се  уште се праќаат наместо во редовните, во специјалните училишта.

Анализите покажуваат дека во 2011 година децата Роми претставувале 46% од избраните деца за специјални училишта и 52% учеле во специјални паралелки во редовните училишта.

Истражувањето регистрирало и сегрегација во системот на школување. Многу ученици информирале дека во мешаните класови во кои се сместени, ромските ученици седат позади во училницата или седат заедно со друг ученик Ром. Еден училишен медијатор изјавил дека бил сведок како во едно училиште деца Роми се сместени на една страна од училницата, а другите деца (најчесто од македонската етничка група) се сместени на другиот крај од училницата.

Во Кичево бил регистриран и случај кога на еден средношколец му била дадена пониска оценка од страна на наставникот кој кажал дека му дава пониска оценка поради тоа што е Ром. Исто така му било кажано дека доколку се пожали ќе му биде дадена најниската оценка и ќе падне по тој предмет.

Методиј Наковски, директор во основното училиште „Страшо Пинџур“ во Ѓорче Петров, кое има мешани паралелки вели дека нивното училиште е позитивен пример на интегрирано образование.

„Во нашето училиште имаме мешан состав, Македонци, Роми и во принцип настојуваме да нема непочитување или дискриминација, ги едуцираме сите деца да се дружат заедно, да спортуваат заедно, затоа што тие се секојдневно заедно и сега за сега немаме некои драстични разлики, да не зборуваме па за некоја дискриминација“, рече Наковски.

Сунаи Сабриоски, студент на Правен факултет вели дека иако постои општа дискриминација, тој лично имал позитивни искуства.

„Досега моите професори внимавале на својот речник, така што во ниту еден случај немало ниту индиректна ниту директна дискриминација врз мене, но општо може да се каже дека постои дискриминација, не само кон Ромите туку општо кон сите други етнички групи“, додава Сабриоски.

Во извештајот на институтот исто така е нотирано дека многу наставници искажале загриженост за младите ромски девојчиња кои прерано го напуштаат училиште. Една од причините за напуштање на училиштата, наведена од наставниците е тоа што девојчињата стапуваат рано во брак.

Според регионалното истражување на УНДП, Светска банка и Европска комисија, само 73% од девојчињата Ромки во Македонија во 2011 година се запишале во основно образование, споредено со 87% на девојчињата не-Ромки. Според истото истражување, 70% од жените и девојчињата Ромки на возраст од 15 до 64 години се невработени споредено со 35% меѓу девојчињата и жените не-Ромки.

Истражувањето е направено во скопските општини Ѓорче Петров и Чаир и во градовите Кичево, Куманово, Битола и Штип. Во сите овие градови родителите Роми речиси едногласно кажале дека нивната  слаба економска положба ги става нив и нивните деца во обесправена положба.

К.О.