Тркалезна маса за родовите и сексуалните малцинства во медиумите

Коалицијата за „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ организира тркалезна маса на која ќе ги соопшти резултатите од првото партнерско, регионално и компаративно истражување за родовите и малцински групи во медиумите во Србија, Црна Гора и Македонија.

Во рамки на тркалезната маса ќе биде промовирана и финалната публикација, зборник текстови, која произлезе како резултат на истражувањето. Ќе биде отворена и дискусија за улогата на медиумите во македонскиот контекст при заштитата од дискриминација и промоцијата на човековите права на сексуалните и родовите малцински групи, како и улогата и предизвиците на истражувачката работа во контекстот на медиумските репрезентации и маргинализираните заедници.

Проектот опфаќа научна и компаративна анализа на дискурзивни практики преку кои медиумите ги третираат ЛГБТИ темите во трите земји. Истражувањето ги истражува медиумските известувања на геј парадите (во Србија и Црна Гора), како и на неделата на гордоста во Р. Македонија за (20-27 јуни) 2013 и (20-29 јуни) 2014 година. Истражувањето, во оваа фаза, се фокусира на квантитативна анализа на дневниот печат, квалитативна анализа на новите медиуми, како и базична анализа на централните информативни емисии.

Проект е финансиски помогнат од швајцарската агенција за регионално истражување и програмска промоција RRPP (Regional Research Promotion Programme) и е партнерство на три институции, Универзитетот Сингидунум од Белград, Факултетот за драмски уметности од Цетиње, Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргиналните заедници од Скопје, како и на десетина индивидуални истражувачи од трите земји. Партнерска институција на проектот е Школата за славистички и источно европски студии од Универзитетскиот Колеџ од Лондон, 20-то рангиран универзитет на Шангајската листа.

Тркалезната маса ќе се одржи утре (среда) во „Холидеј ин“, со почеток во 11 часот. Во продолжение, агенда на настанот:

Модератор: Огнен Јанески, новинар

11.00 -11.05 – Вовед (Огнен Јанески)

11.05 – 11.15 – Александра Димова – Манчевска, претставничка на локалната канцеларија за RRPP програмата

11.15 – 11.25 – Емилија Петреска Камењарова (Агенција за аудио-визуелни медиуми)

11.25 – 11.35 – Марина Тунева (Извршна директорка на Совет за етика во медиуми)

11.35 – 12. 00 – Презентација на наодите и препораките од регионалното истражување
Ирена Цветковиќ, Коалиција СЗПМЗ, Македонија
Проф. Јасна Котеска, УКИМ, Македонија
Проф. Славица Србиновска, УКИМ, Македонија
Проф. Татјана Росиќ, Факултет за медиуми и комуникации – СИНГИДУНУМ, Белград, Србија
Даница Игрутиновиќ, Факултет за медиуми и комуникации – СИНГИДУНУМ, Белград, Србија
Јелена Филиповиќ, Факултет за драмски уметности, Цетиње, Црна Гора

12.00 – 12.30 – Дискусија