Трка во сабота во чест на Меѓународниот ден на франкофонијата

Францускиот институт во Скопје организира четири километарска трка во сабота (21 март), со почеток од 13 часот во Паркот на Франкофонијата, а ќе заврши пред Скопје Сити Мол, соопшти француската амбасадорка Лоренс Оер на денешната прес-конференција.

Таа потенцираше дека е горда на веќе постоечката франкофонска мрежа во државата. Поради тоа, акцентот е ставен на користењето и изучувањето на францускиот јазик преку разни активности.

„Ние не сакавме франкофонијата да биде само нешто што е академско, нешто што се сведува само на изучување на францускиот јазик, туку сакавме да имаме една франкофонија која е жива, една франкофонија која ги привлекува младите и која е носителка на иднина“, нагласи Оер.

Преку програмата која е предвидена да трае три месеци, Оер се надева дека ќе се постигне вистински дијалог на културите.

Директорката на Францускиот институт во Скопје Изабела Марки-Барбо пак, смета дека трката претставува одлична алатка за размена помеѓу јазиците и културите со цел да се подигне свеста кај младите за тимскиот дух.

„Ние сакавме преку спортот да кажеме дека етиката, солидарностата, тимскиот дух, се универзални вредности. Универзални вредности кои ние би сакале да ги развиеме во рамките на оваа недела посветена на францускиот јазик“, потенцираше Марки-Барбо.

На трката ќе можат да присуствуваат аматери и професионалци кои имаат над 15 години. Последен рок за успис е во среда (18 март) во просториите на Францускиот институт во Скопје.

Од Институт најавија и голем број на предавања, дебати, музички настани, изложби и театарски претстави во наредните три месеци.