Триумфалниот свод на Палмира изграден на плоштадот Трафалгар во Лондон

Веродостојната копија на древниот сириски споменик кој беше уништен од ИСИС  е инсталирана на плоштадот Трафалгар во Лондон. Копијата на Триумфалниот свод ќе стои во центарот на главниот град на Англија три дена.

Сводот стар 2000 години беше уништен од Исламската држава минатиот октомври. Моделот висок шест метри е изработен во Италија, од египетски мермер, а е создаден како акт на противење, со цел да покаже дека е возможно да се реставрира древниот град, доколку постои волја.

„Никој не би размислил сериозно да го остави Лондон полн со урнатини после воениот напад. Спомениците, како отелотворение на историјата, религијата, уметноста и науката, се значајни и комплексни складишта на културните наративи. Никој не смее ни на секунда да размисли да им ја даде на терористите моќта да избришат такви објекти од нашето колективно културно сеќавање“, вели Роџер Мичел, директорот на Оксфордскиот институт за дигитална археологија.

„Кога историјата се брише на ваков начин, мора да биде брзо и смислено реставрирана“, додава тој.

Сводот кој тежи 11 тони ќе биде откриен денес од градоначалникот Борис Џонсон, после шестчасовен процес на инсталација.

Градоначалникот изјавил за Guardian дека „Даеш и другите терористички организации сакаат да ја уништат демократијата и да ја избришат историјата преку страшните акти на тероризам и убиства кои ги вршат низ светот“.

„Многу сум горд што Институтот за дигитална археологија ја донесе првата реконструкција со реална големина на Триумфалниот свод на Палмира во Лондон, во борба против ова насилство и со цел да се сподели искуството на овој незаменлив артефакт со што е можно повеќе луѓе“, вели Џонсон.