„Трите кризи на глобалниот неолиберализам“ – предавање на Алфредо Саад Фиљо на „КРИК“

Во рамките на „КРИК“, фестивалот за критичка култура, во вторник (30 јуни) од 20 часот ќе се одржи предавање на Алфредо Саад Фиљо со наслов „Трите кризи на глобалниот неолиберализам – економијата, демократијата и здравството“.

Од „КРИК“ соопштуваат дека предавањето ќе биде проследено со разговор модериран од Бранимир Јовановиќ. Ќе биде на англиски јазик, со пренос во живо на официјалната Фејсбук-страница на „КРИК“.

„Апстракт: Глобалниот неолиберализам може да се разгледува низ три фази, поделени во периодот од средината на 1990’ и Големата финансиска криза (ГФК). Првата (‘транзициска’) фаза се појави како спротивност на претходниот систем на акумулација (Кејнзијанска социјалдемократија, теорија на развој, социјализам во советски стил или што сѐ не). Главната цел на оваа фаза беше агресивната промоција и интернационализацијата на приватниот капитал. Втората (‘зрелата’) фаза го интензивираше финансирањето на општествената репродукција, ја институционализираше ограничената демократија како нејзина доминантна политичка форма и го легитимираше системот на акумулација преку неолибералниот субјективитет“, се вели во најавата за предавањето.

Дополнително, велат од „КРИК“, третата фаза го опфати управувањето со последиците од ГФЦ преку „фискалното штедење“, кое, велат, неминовно подразбира засилување на репресијата и нови форми на исклученост, задскриени под превезот на десничарските популистички тропи.

„Како дел од овој процес, беа поставени авторитарни влади во неколку земји, предводени од ‘спектакуларни’ водачи. Нивниот пораст беше резултат на исцрпувањето на (минатите) неолиберални, технократски и исклучувачки демократии. Оваа дегенерирачка политичка динамика беше совладана од Ковид-19 пандемијата, предизвикувајќи длабока економска криза во историјата на капитализмот. Неколку влади, веќе објавија мерки за воведување на ново долгорочно штедење, што е можно поскоро, потпирајќи се на засилениот притисок за обезбедување политичка стабилност. Ова е неподносливо од две причини. Прво, засиленото штедење ќе го поткопа (она што останало од) демократијата а со тоа ќе биде поткопана и легитимноста на овие влади; второ, штедењето ќе наштети несразмерно на базата на тие авторитарни администрации. Ова укажува на можност за долг период на кризна политика со непредвидливи импликации. Оваа сесија ќе ги испита предизвиците што доаѓаат и можностите за левицата“, велат од „КРИК“ за настанот.

Инаку, Алфредо Саад Фиљо е професор по политичка економија на Универзитетот СОАС (SOAS) во Лондон и раководител на докторската школа на СОАС (SOAS). Тој бил постар соработник за економски прашања на конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (UNCTAD) во периодот помеѓу 2011-2012 година.

Носител е на повеќе награди, предавал на повеќе универзитети и истражувачки институции во светот, а неговите истражувања се објавени во дваесетина земји, преведени на 15 јазици и презентирани на над 200 академски настани во 30 земји, стои вмеѓу другото во најавата за предавањето.

„КРИК“ – фестивал за критичка култура е платформа која ќе се застапува за афирмација на уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање општествените процеси.

„КРИК“ има за цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст.

Тематските рамки на „КРИК“, кој ќе се одржува во текот на оваа година, се обединети во насловот на ова издание на фестивалот „Конечноста и кршливото општество – слобода, социјализам и секуларност“. Насловот директно произлегува од книгата која се очекува во печат на организаторот Контрапункт, а која беше повеќекратно прогласувана за најрелевантна книга во сферата на политичката филозофија во 2019 година, „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“, од филозофот Мартин Хеглунд.