Тригодишната агонија на Наташа Величковска ја буди граѓанската свест

 „Секој ден седам дома како во затвор и не смеам да излезам затоа што тој ме следи постојано. Нон стоп со службениот автомобил е пред мојата куќа и ме чека да излезам. Ви се верува ли дека и по четири месеци не излегувам од дома. Овој терор повеќе не можам да го издржам. Само што ќе ме види, почнува да ме тепа, ме влече за коса, ме напаѓа. Имам еден куп слики каде што сум целата со подливи и модринки. Не можам да си дозволам приватна тужба затоа што немам пари за адвокат“, ова за „Фокус“ го раскажува 34 годишната Наташа Величковска, која го години ги трпи последиците на семејното наилство.

Поддршка за Наташа Величковска

Сторијата во „Фокус“ беше објавена пред еден месец, но поради молкот и игнорантскиот однос на институциите поддршката за оваа жена почна да доаѓа и од граѓаните. Фејбук групата „Поддршка за Наташа Величковска“ формирана пред неколку дена веќе ја следат повеќе од 2000 лица. Целта е да се направи притисок врз јавноста да ја дознае трагичната приказна, но и да се натераат институциите да си ја вршат работата, наместо да ги штитат насилниците.

Наташа Величковска со нејзиното малолетно дете три години трпи малтретирање, претепување и закани по живот. Кога ја раскинала врската со Бобан, нејзиниот живот се претворил во пекол, а како што вели за Телма, институциите не ја штитат од насилникот. Има купишта документи, од полициски извештаи, лекарски уверенија и судски пресуди, но залудно бидејќи под присила морала да ја повлече изјавата дадена во кумановскиот суд дека била и киднапирана и силувана. Случајот е вратен во судот во Крива Паланка, но сега таа е обвинета.

Од ударите на насилникот сега има оштетен слух, а од сексуалното злоставување, до сега четири пати била на абортус. Надвор излегува само со нејзиниот татко кој, за да го заштити семејството, држи палки до влезните врати. Горд на својата партиска определба и охрабрен од локалните власти, насилникот кој е вработен во општина Крива Паланка, се однесува како шериф и ни се заканува на сите, вели таткото на Наташа.

Од нејзиното семејство велат дека полицијата веќе ја предупредиле Наташа да не објавува никакви информации на Фејсбук и да не комуницира со медиуми. Таа не знае каде веќе да бара спас од оваа тригодишна агонија.

Наташа е една од ретките жени која имаше храброст да ја раскаже својата животна приказна како жртва на насилство, како што вели таа, ако се остварат заканите што и ги упатува насилникот, институциите ќе бидат виновни што не презеле ништо да го санкционираат.