Триесетгодишник од Тексас починал по посета на „Ковид-19 забава“, мислел дека вирусот е измислица

Еден 30-годишен маж починал од коронавирус во американската држава Тексас, откако присуствувал на една од таканаречените „Ковид 19 забави“, објави Индепендент.

Џејн Еплби, главен доктор во Методистичката болница во Сан Антонио, објави дека последните зборови на неидентификуваниот пациент биле: „Мислам дека направив грешка. Мислев дека ова е измама, но не е“.

Во видео изјава, докторката вели дека пациентот им раскажал на медицинските сестри за забавата чиј домаќин била пријателка кај која бил дијагностициран коронавирусот.

„Целта била луѓето да се соберат за да видат дали вирусот е вистински и дали некој ќе се зарази“, раскажува докторкат која одлучила да ја сподели приказната за да ја пренесе пораката дека вирусот не пребира.

Податоците од Сан Антонио, како и националните трендови, покажуваат зголемен број на помлади луѓе што сега се разболуваат во споредба со почетниот бран каде просечната возраст на пациенти била повисока.

Најмногу случаи во округот биле кај лица на возраст од 20 до 29 години (24% од случаите) и 30 до 39 години (20% од случаите), според Министерството за здравство. Здравствениот оддел, исто така, забележа скок на стапката на луѓе кои имаат позитивен тест на коронавирусот, од 5% пред неколку недели до 22% сега.

Затоа докторката ја охрабрува јавноста за носење маски, седење дома колку што е можно повеќе и избегнување на групирања.