Тридневна работилница за веб дизајн наменета за средношколци

На 08 април, во 17:00 часот започнува тридневна работилница за веб дизајн наменета за средношколци, во организација на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Видео материјалите од предавањата и работилниците ќе бидат достапни на Интернет за сите заинтересирани средношколци, а ќе биде овозможен и директен видео пренос за учениците кои не се физички присутни, најавија од ФИНКИ.

Работилницата ќе се одржува во просториите на ФИНКИ, од професори и асистенти од факултетот. Целта е да се воведат учениците од средните училиште во Скопје во процесот на работата на веб дизајн, започнувајќи со креативна идејна подготовка до техничката реализација.

На оваа обука, поддржана од Град Скопје,  учествуваат средношколци од скопските гимназии кои конкурирале на повикот објавен минатиот месец. Учесниците се во втора, трета или четврта година и ќе можат да добијат поголемо знаење во делот на веб дизајн и работа со HTML и CSS.  Крајна цел е со стекнатите знаења средношколците да создадат веб сајт за Скопје или некој негов аспект. Во месеците кои следат учесниците на работилницата ќе работат на својот проект и ќе бидат менторирани од професорите на ФИНКИ.

На крајот на процесот, најдобриот веб сајт од изготвените ќе биде претставен и парично награден на денот на отворањето на Фестивалот за Креативни Индустрии ,,Скопје Креатива” 2016.