Трибина за ЛГБТИ активизмот по повод „Неделата на гордоста 2015“

По повод „Неделата на гордоста 2015“, ЛД „Солидарност“ и Субверзивен Фронт ќе одржат јавна трибина насловена „ЛГБТИ активизмот, антикапитализмот и антинационализмот – точки на поврзување и градење заеднички отпор“. На трибината ќе се дискутира за прашањето каде може да се создадат точки на градење заеднички отпор и ќе се промисли неговото понатамошно функционирање во македонскиот општествен и политички контекст.

Говорници на трибината ќе бидат Артан Садику од ЛД „Солидарност“, Ирена Цветковиќ од Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“ и Антонио Михајлов од „Субверзивен Фронт“. Модератор на трибината е Мариглен Демири од ЛД „Солидарност“.

„Хомофобичните и трансфобични реторики се често присутни во медиумите, а стравот од различностите во сексуалните и родовите идентификации се користи за делегитимирање и деградирање на значајни општествени движења и иницијативи.

Македонија последниве години наназад исто така назадува и во заштитата на правата на работниците. Најголем дел од синдикатите се узурпирани и ставени во служба на интересите на највисоките политички и бизнис елити, оставајќи ги работниците во многу неповолна положба на остварување на нивните со закон и устав загарантирани права. Под јаремот на суровиот капитализам страдаат сите оние кои во услови на висока сиромаштија и невработеност, немаат избор, освен оној да се вклучат во запчаникот од машината на масовна злоупотреба на работничкиот труд.

Крајно, но не и помалку важно, националистичкиот дискурс сè уште доминира во македонскиот политички и општествен живот. Во 2015 година политичките игри сè уште се водат од етничко-засновани партии, учениците учат во училишта одделени по етничка основа, многу често се потенцираат различностите помеѓу етничките заедници, наместо нивните сличности, а спортските натпревари се преплавени со реторики на омраза кон припадниците од „другата“ заедница. Со национализмот се на големо манипулираат широките народни маси, сервирајќи им на дел од нив приказни за супериорност и надмоќност наспрема „другите“, креирајќи уште поголема идентитетска, културна и естетска конфузија (примерот со Скопје 2014)“, стои во најавата за настанот.