Трибина: Вклучување на лицата со помалку можности во високото образование

Ема Ананиевска е поранешен студент на музичката академија. Нејзиниот оштетен вид не ја спречил да го заврши факултетот, иако вели дека поминала низ различни искуства. Сепак, таа смета дека е израсната во средина без комплекси и интегрирана уште во најрана возраст.

„Имав различни искуства, и позитивни и негативни. Имав професори што ме поддржуваа и немаше да стигнам овде да не беа тие. Сепак, мислам дека свеста кај нас за лицата со попреченост е сè уште на ниско ниво“, рече Ема на денешната трибина посветена на лицата со помалку можности во високото образование.

Октомври беше месецот за подигнување на свеста кај пошироката јавност за лицата со Даунов синдром. Александар Матовски – Цако е студент на Педагошкиот факултет во Скопје кој досега докажа дека овој синдром не го спречува да ги прави истите активности како и неговите врсници.

„Кога првпат почнав да одам на факултет почувствував одговорност, но и предизвик. Јас секогаш сакам да се изразувам креативно и секој професор и асистент на факултетот го знае тоа и ми помагаат. Исто така, сакам да ризикувам бидејќи без ризик ништо не се постигнува“, рече Матовски.

Според Даниела Стојановска од Здружението на студенти со попреченост, потребно е да се создаде инклузивно општество достапно за сите, а како најголем проблем го наведува прилагодувањето на програмите.

Душко Миновски, претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација смета дека системската реакција на државата е важна. Според него, дискриминацијата во последниве години се намалила, но не целосно. Тој се повика на Декларацијата за човекови права од 1948 година и рече дека сите на оваа земја се раѓаат со права.

„Многу е важно да знаеме како да ги искористиме механизмите на државата. Насилството и дискриминацијата се неминовни, но луѓето сè повеќе реагираат“, рече Миновски.

Проф. др. Розалина Попова од Факултетот за педагогија при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје има работено со лица со попреченост и таа вели дека овој проблем останува да лебди и оти е потребно поинтензивно да се работи со овие млади и повеќе да се вклучуваат со што ќе се подобри нивниот квалитет на живот.

Можни решенија, според неа, се прилагодување на програмите што ќе им помогнат на овие лица, вклучување на волонтери кои ќе им помагаат додека студираат, како и професорите да го сменат својот став и да пристапат со помалку стереотипи.

Трибината беше во рамките на одбележување на месецот октомври, кога се подигнува свеста кај пошироката јавност за лицата со Даунов синдром. Организатори на трибината се Центарот за младински активизам КРИК во соработка со организацијата Трисомија 21.

Е. П.