Трибина на „Солидарност“: „Кој се збогатува, а кој осиромашува во Македонија?“

Левичарското движење „Солидарност“ изработи студија за осиромашувањето и збогатувањето во Македонија за време на последната економска криза. На трибината ќе бидат претставени главните сознанија до кои се дојде, меѓу кои  и најфрапантниот податок  – дека токму Македонија има највисока класна раслоеност во цела Европа и бившиот Советски сојуз.

На трибината ќе бидат презентирани и мерки преку кои може и треба да се надмине ваквата фактичка состојба. Прераспределбата на богатството од сиромашните и средните слоеви не е никаков природен процес, туку резултат на свесни владини политики, кои во Македонија се спроведуваат повеќе од 20 години! Сметаме дека мора да се отвори дискусија во јавноста околу енормната класна раслоеност во нашата земја и да се понудат и спроведат излезни решенија!

Трибината ќе се одржи вечерва (16 април) во 19 часот во просториите на Институтот за општествени и хуманистички науки, откако според организаторите, градската библиотека „Браќа Миладиновци“, каде веќе била платена изнајмената сала, го откажала настанот.

„Прво побараа да ја видат студијата (со цел да утврдат дали е антивладина), а потоа, врз основа на соопштението за печат што им го испративме, одбија да ни излезат во пресрет зашто заклучија дека ваква промоција нема позитивно да зборува за политиките на владата, кои ја зголемуваат сиромаштијата на сиромашните и богатството на богатите! Во нормална земја промоции на книги и студии во библиотеки се бесплатни! А Градската библиотека и за пари одби да ни отстапи простор! “, велат од „Солидарност“.

Студијата е дел од проект кој се работеше паралелно во повеќе европски земји, а е под патронат на фондацијата „Роза Луксембург“. Трибината е дел од Месецот на социјална правда и работничка борба, кој ќе кулминира со протест на Први мај.