Три златни медали за женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“

Женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“ под раководство на Летка Димовска – Полизова освои три златни медали и стана светски шампион во категоријата „Женски камерни хорови“ на престижните „Светски хорски игри“ кои од 6 до 16 јули се одржаа во Сочи, Русија.

Македонските претставници освоија златни медали во категориите духовна музика и фолкор, како и златен медал во категоријата на женски камерни хорови. Хорот „Св. Злата Мегленска“ беше единствен претставник од земјава на деветтите Светски хорски игри. На нив учествуваа над 280 хорови од 36 земји од целиот свет, кои се натпреваруваа во 28 различни категории.

Пред две години женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“ настапи на светските хорски игри кои се одржаа во Рига каде освоија две златни и еден сребрен медал.