Три средни училишта од Скопје добија тоалети за менструална хигиена

Три средни училишта во Град Скопје, „Панче Арсовски“, СУ„Зефљуш Марку“ и СУГС „Шаип Јусуф“ добија по еден тоалет за менструална хигиена, соопштија на денешната прес конференција претставници од Агенцијата за млади и спорт и Здружението на новинари за човекови права кои стојат зад проектот.

Станува збор за прилагодени кабини во женските тоалети според стандардите на менструалното здравје, односно во нив е поставено мало лавабо во самата кабина на тоалетот, бесплатни санитарни производи и кутии за селектирање на отпад, а ученичките од овие три училишта ќе добиваат и бесплатни хигиенски влошки секој месец.

„Верувам дека ќе го следиме примерот на Шкотска и следните чекори се зголемување на бројот на училиштата и се поголем опфат. Крајната цел е бесплатни хигиенски производи во сите училишта“, изјави Дарко Каевски, директорот на Агенцијата за млади и спорт.

Во трите училишта ќе се одржат и четири обуки на кои учениците ќе бидат обучени за значењето на менструалната сиромаштија, стандардите на менструалното здравје  и важноста на институционалното родово ангажирање.

Дарко Каевски и Наташа Доковска

Наташа Доковска, од здружението Новинари за човекови права, истакна дека нивното истражување покажало дека 90% од девојчињата во руралната средина отсуствуваат од 4 до 5 дена во текот на месецот,  бидејќи немаат како да управуваат со личната хигиена во училиштата, додека девојчињата од урбани среди отсуствуваат два до три дена во текот на месецот

„Ова беше иницијалната причина да почнеме да размислуваме што да направиме за да ја ублажиме оваа состојба и да ги адаптираме тоалетите. Досега имаме адаптирано тоалети во училишта во Тетово и Ресен, а сега ги воведовме и овие три заедно со Агенција за млади и спорт. Планот за во иднина е да влијаеме на намалување на ДДВ-то на овие производи, па да дојде и време тие да станат бесплатни, односно достапни за секоја жена“, соопшти Доковска.

Ивана Смилевска