Три пријави до МВР за момчето што шутираше куче на игралиште во Куманово

На социјалните мрежи синоќа започна да кружи видео на кое се гледа како брутално се шутира бездомно куче на игралиште во Куманово. Откако видеото стана вирално, првичната објава е отстранета.

Од Министерството за внатрешни работи за Радио МОФ велат дека до нив стигнале три пријави преку опцијата „redbutton“ и дека се работи на идентификација на сторителот.

Според Член 233 од Кривичниот законик: „Тој што грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“.

Случајот предизвика бурни реакции меѓу граѓаните и невладините организации. Од Здружението „Дејзи Фемили Рескју“ го оценија случајот како монструозен и побараа одговорност. Според нив, алармантно е тоа што во голем број од овие случаи, инволвирани се млади или малолетни лица.

„За да се спречат вакви настани, пред се треба да се постави пример дека полицијата и надлежните органи делуваат и секој оној кој сторил вакво дело, ќе одговара за прекршување на Законот за благостојба на животните, кој за жал ниту се почитува ниту се сфака сериозно како од граѓаните, така и од надлежните. Следно што е важно е едукацијата која што иако невладините организации и активистите ја спроведуваат преку разни акции, социјалните медиуми и соработа со медиуми како вас, туку и самите образовни институции треба да ги спроведуваат. Животните се дел од овој свет, и треба да ги почитуваме и прифатиме како свесни и емотивни битија, кои можат да ни го направат животот поубав. Европските развиени земји, се пример за тоа како треба да се однесуваме со животните. И за крај апелираме до сите кои сведочат на вакви ужасни дела, да пријават во полиција, бидејќи сторителот мора да одговара по закон. Најчесто често луѓето кои се способни да повредат животно на било каков начин, утре многу лесно истото ќе го сторат на друг човек“, велат од „Дејзи Фемили Рескју“ за Радио МОФ.

Оттаму потсетуваат на случајот во Аеродром, каде летово две кучиња беа искасапени до смрт и член на нивното здружение го пријавил случајот во полиција.

Своја реакција за случајот упатија и од Здружението „Шепасти ентузијасти“, од каде велат дека се загрижени за зачестените напади врз животни.

„Доколку би анализирале, ние имаме спасено 100 кутриња изминатата година, од кои 10 од нив се со дијабола. Што значи дека на 10 кучиња 1 е пукано, да не зборуваме колку од нив имаме кои се повредени од човечката рака. Отруени, тепани, прегазени и оставени сами на себе. Досега знаеме само за еден случај кој помина само со парична казна, а тоа е за кучето Идриз“, велат од Здружението.

„Шепасти ентузијасти“ бараат државата да преземе поголеми чекори во врска со едукацијата и за тоа како треба граѓаните да се однесуваат со животните.

Е.П.