Три од седум најзагрозени европски културни наследства се во Западен Балкан

Свети Стефан во Црна Гора, Партизанските спомен гробишта во Мостар во Босна и Херцеговина и Бистрички воденици во Србија се наоѓаат меѓу седумте најзагрозени локалитети со културно наследство во Европа за 2023 година, објави „Европа Ностра“ вчера, пренесува Радио Слободна Европа.

Европската комисија (ЕК) вети дека финансиски ќе ја поддржи секоја локација за да помогне во рехабилитација на овие зони.  „Европа Ностра“ се смета за најрепрезентативна мрежа за наследство во Европа со членови од повеќе од 40 земји.

Оваа мрежа, заедно со Институтот на Европската инвестициска банка објави листа на најзагрозени зони за оваа година. Покрај споменатите три од Западен Балкан, тука се и Железничката станица во Кортријк, Белгија, тврдината Чаквиња во Грузија и Ансамблот „Куќа на сестрите“ во Германија.

Во соопштението на Европската комисија се наведува дека во програмата на седумте најзагрозени локации се предвидува грант од 10.000 евра за секоја наведена локација за да се помогне во реализација на активности кои ќе помогнат во нивно спасување.

Се додава дека во повеќето случаи, одредувањето ризични локации служи како поттик за акција и мобилизирање на потребната јавна или приватна поддршка, вклучително и финансиска поддршка.

Европскиот комесар за иновации, истражување, култура, образование и млади Марија Габријел потврди дека оваа програма е поддржана од Европската комисија од 2014 година, истакнувајќи ги локалитетите на наследство кои се во ризик и имаат потреба од помош.

„Мораме да продолжиме да ја подигаме свеста за важноста на културното наследство за нашите европски идентитети и за постигнување одржлив развој. Избраните локалитети имаат потенцијал да дејствуваат како инструмент за промовирање на мирот и дијалогот во нивните локалитети и пошироки региони“, изјави Габријел.

Инаку, како што се наведува во соопштението, изборот на локациите не се базира само на степенот на загрозеност или вредноста на културното наследство, туку и на посветеноста на локалната заедница, а со тоа и на заштитниот потенцијал.