Три нови потврдени случаи на коронавирус, вкупниот број на заболени се искачи на 26

Уште три случаи позитивни на Ковид-19 коронавирусот се регистрирани во државава, со ова до 12 часот во државава има вкупно 26 заболени пациенти, соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Сите тројца пациенти се тестирале на клиниката „Жан Митрев“, а денеска бил направен контролен тест со цел унифицирање на тестовите од страна на Институтот за јавно здравје, од каде биле потврдени овие информации.

„Станува збор за пациенти од Скопје. Еден кој имал симптоми една недела, неговите контакти се мапирани и сега се изработуваат тестовите на членовите на семејството на овој пациент. Понатаму, фамилија сопружници, коишто престојувале во странство и дошле во нашава земја пред неколку дена, вчера член на семејството ги однел материјалите во клиниката „Жан Митрев“, каде што дале позитивни резултати. Првиот пациент е сместен на Инфективната клиника, сопружниците се на домашно лекување, а во текот на денот ќе бидат префрлени на Клиниката за инфективни болести“, соопшти Филипче.

Вкупната бројка сега се искачи на 26, од кои 17 се во Скопје, а девет во Дебар. Филипче исто така додаде дека капацитетот на инфективната клиника е целосно спремен. Инаку, состојбата на сите пациенти е стабилна и непроменета во однос на вчерашниот ден. Стабилна е и состојбата на пациентката која е на респираторна машина, а за неа Филипче додава дека засега нема знаци за влошување на нејзината состојба.

Со организиран превоз денеска се очекува да стигнат и 200 наши државјани кои се наоѓаат на унгарско-српската граница, а најголем број од нив вели Филипче работеле во ризичните региони во Италија, и дел од се од Австрија.

„Точните податоци ќе ги регистрираме откако ќе се интервјуираат на влезот во нашата земја и сите тие ќе одат во групен карантин во касарната во Пепелиште на Криволак каде што се обезбедни услови, снабдување со храна, медицинска поддршка за проверка, прегледи итн.. и соодветно обезбедување“, соопшти Филипче.

Министерот исто така соопшти дека денеска биле исконтактирани и од Кинеската амбасада од каде им укажале дека има сериозни шанси да стигне помош од маски, одела и респиратори, но конкретни информации најави до крајот на неделава.

Во меѓувреме, Филипче изјави дека епидемијата е во силен ек и дека секоја епидемија има свој тек, велејќи дека очекувано е согласно сите епидемиолошки податоци бројот на заболени во периодот кој што доаѓа да се зголемува. Тој порача дека најважно е да се спречи локалната трансмисија, додавајќи дека мерки се преземени и дополнети, а дека и понатаму ќе се преземаат со цел да се застане на патот на ширењето на инфекцијата.

„Затоа останете дома, не се собирајте, не се групирајте. Излегувајте само ако имате некоја итност, ограниечете го движењето, не контактирајте многу со луѓето, не се задржувајте во маркетите, држете дистанца таму каде што има повеќе луѓе. задолжително одржувајте лична хигинеа, често миење на рацете, 20-30 секунди, од сите нас зависи, сите поединци, компании, институции, максимално сериозно мора да пристапиме на ова прашање, повеќе пати кажав дека ова не е шега. Единствениот начин е сите ние да се однесуваме одговорно“, потенцира Филипче.

Инаку, на вчерашната 20-та седница Владата донесе Одлука за замрзнување на цените на основните продукти и тоа на леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциони средства со состојба на денот на прогласување на пандемијата од Светската здравствена организација (СЗО), освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.

М.К.