Три нови изведба на перформансот „Ј А С Н Е М А“ во Детски креативен центар

Три нови изведби на перформансот „Ј А С Н Е М А“ ќе се одржат во четврток (12 декември) во Детскиот креативен центар лоциран во Младинскиот културен центар во Скопје.

Целта на театарскиот перформанс е да се разгледаат корените на проблемот со врсничкото насилство од поинаков аспект, да се прикаже како се чувствува жртвата на булинг и да се согледа вистинската сериозност и влијание на оваа појава.

Режијата е на Дени Стојанов, а техничката поддршка е на Зорица Зафировска. Актерите во перформансот се дел од групата за перформанс Кунстверкштат на Младински образовен форум (МОФ). Кунстверкштат е група на млади ентузијасти и љубители на театарот, друштво без граници на креативност, посветеност и младинска критична мисла. Шминката, пак, е дело на Бојан Ковски.

Првата изведба ќе започне во 18:00 часот, втората изведба во 19:00 часот и третата изведба во 20:00 часот. Траењето на перформансот е околу половина час. Бројот на местата е ограничен на 40. Потребно е претходно да се најави присуство на info@lgbti.mk, а организаторите ќе испратат потврден мејл за во кој термин има слободно место. Влезот е слободен.

Перформансот е дел од проектот „Perform2Reform“ кој е партнерски проект помеѓу пет земји чија цел е да ги адресира прашањата со булингот, дискриминацијата и нееднаквоста помеѓу младите преку употребување на алатки како уметност, театар и перформанс. Проектот е финансиран од Еразмус+ програмата на Европската Унија.