Три нови детски едукативни инсталации ќе се постават во скопските паркови

Град Скопје потпиша договор со фирмата „Стримформ“ за изведба на детски едукативни инсталации на три локации. Просторната инсталација „Љубопитните орли“ ќе се постави во Парк – шумата „Водно“, инсталацијата „Жабецот принц“ ќе им прави друштво на постојните детски содржини во Градскиот парк, а инсталацијата „Октоподот Хенк“ ќе се лоцира во Паркот „Македонија“.

За реализација на овој проект градот ќе потроши 4 708 200 денари (76 532 евра).

Трите просторни инсталации ќе се изработат врз основа на победничкото идејно решение на авторите Александра Шулевска и Бојана Стојменовска. Овој труд беше избран по пат на распишан Конкурс од страна на Град Скопје, што беше реализиран во првата половина на 2017 година. Новите детски содржини во скопските паркови имаат за цел да ја поттикнат детската фантазија и игра.

1.Просторна инсталација „ Љубопитните орли“.

Станува збор за дел од  зелената паркова површина на просторот на Средно Водно помеѓу Хотел „Водно“ и  Жичницата  во општина Центар.

2. Просторна инсталација „Жабецот принц“

Станува збор за дел од зелената паркова површина на просторот помеѓу Луна паркот и кафулето „Централ парк“ во општина Карпош.

3. Просторна инсталација „Октоподот Хенк“

Станува збор за дел од зелената парковска површина на потегот помеѓу Булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и улицата „Јуриј Гагарин“ и  улицата „Братфордска“ во близина на националниот ресторант Македонска куќа  во општина Карпош.