Три мејла со различни суми за заверка и упис на семестар добија студентите на Економски, Собранието бара субвенција за трошоците

Студентите на Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје вчера добиле три мејлови со различни суми кои треба да се уплатат за заверка на претходниот и упис на новиот семестар кој доаѓа. До редакцијата на Радио МОФ пристигна поплака од студент на факултетот, што објаснува дека во мејловите сумата била три пати променета. Во првичниот мејл кој бил испратен стоело дека е потребно да се уплатат 2.150 денари за книжен фонд. Во следниот мејл дополнително биле вметнати и средствата за ИКСА кои изнесуваат 750 денари.

Во последниот мејл кој се посочува дека е „финално корегиран“, а кој е испратен од факултетот, како што тврди студентката, сумата која треба да се уплати изнесува 1400 денари, односно за книжен фонд, користење на е-Услуги и е-Платформи, штети, тетратки, шифрарници за писмен испит, студентски интернет центар, но  и дополнителните 750 денари за ИКСА.

„Кои тетратки и шифрарници, многу малку предмети се полагаа во живо, а според проценките цел зимски семестар нема да е различно… а дури и да е, за летниот семестар имавме уплатено книжен фонд. Кои се тие е-услуги? Добив вкупно 7-8 мејлови од март навака (зарем не им е тоа работа на студентски прашања и на професроите, да ми пратат меил и известување). Е- платформи…  Онлајн часовите и онлајн полагањата беа преку Google Meet… Цената за Google meet по корисник е 8 долари месечно (а корисници имаат само професроите, сите други сме надворешно поканети на состаноците и мора да не примат, така што за нас не се наплаќа, има до 150 учесници лимит). Дури и да бил потребен ентерпрајз пакет, цената не е драстично повисока, а со оглед на бројот на студенти запишани на Економски, и вишок имаат. А, ако веќе имаат некаков план и купиле онлајн едукативен софтвер и сл. со чија помош ќе се одвива наставата во зимскиот семестар, тогаш барем ни е потребно известување, па да знаеме за што плаќаме. Штети – кои штети, затворен е факултетот од март наваму, ќе биде и наредниот период“, реагира студентката.

Дополнително, таа реагира и за средствата кои треба да се уплатат за ИКСА, односно, за информатички, културни и спортски активности, за кои посочува дека такво нешто не се одржува во време на активна пандемија.

„Во време на пандемија и економска криза, Економски кој и така ни наложува непотребни трошоци, сега дополнително ги зголеми, па и не можат да се одлучат во која ставка да ги наведат како трошок, за никој да не се побуни. “, вели студентката.

Претседателот на студентското собрание на Економскиот факултет, Илија Колев вели дека веднаш по пристигнувањето на првиот мејл до студентите каде сумата била значително поголема од тоа што треба да биде, било реагирано до деканатската управа и веднаш било корегирано.

Сумата што треба да се плати, како што објаснува Колев, се однесува на 1.100 денари за книжен фонд и дополнително уште 300 денари за е-Услуги.

Дополнителните трошоци да се субвенционираат, ИКСА да се укине

Минатата недела, како што изјави Колев за Радио МОФ, студентското собрание при факултетот испратило барање до Министерството за образование (МОН), министерството за финансии (МФ) и Владата за субвенција на сите дополнителни трошоци на студентите од државните факултети, без разлика дали тие се редовни или вонредни.

Трошоците на кои се однесува ова барање се поделени на две групи, односно сите дополнителни трошоци при упис на семестар, каде спаѓаат и средствата за книжевниот фонд кој го има на Економскиот факултет, со исклучок на партиципацијата и втората група која се однесува на трошоците кои им следуваат на студентите, односно побарувањата од факултетите спрема студентите.

„На другите факултети, во овие трошоци од втора група, се трошоци кои покрај овие книжни документи, се трошоци за макети, листови, материјали кои што им се потребни. Тие трошоци се реални трошоци на студентите без кои студентите не можат да студираат, без макета студентот не може да студира нормално и континуирано да ги извршува обврските“, изјави Колев.

Тој се надева дека одговор на нивното барање за субвенција ќе има во најкраток можен рок од надлежните, од причина што, како што вели, ова барање е барање за кое станува збор за трошоци кои не се мали, додавајќи дека студентите се преоптоварени од сумите кои ги воспоставуваат факултетите.

„Значи овие средства, оваа субвенција исто така може да ‘легне’ на сметката на домашната платежна картичка на секој студент што истовремено би значела и покрај економскиот раст, стимул на домашното производство“, вели Колев.

Пред два дена, од Универзитетското студентско собрание на УКИМ беше побарано укинување на трошокот кој студентите го плаќаат за ИКСА.

„Универзитетското студентско собрание на вчерашната седница едногласно донесе одлука да поднесе барање за УКИНУВАЊЕ на задолжителната давачка ИИКСА која студентите ја плаќаат при уписот на секој зимски семестар.Барањето ќе биде ставено на дневен ред на следната седница на Ректорската управа и на Сенатот“, соопштија од УСС УКИМ.

Политичарите да си го одржат ветувањето

Во меѓувреме, Колев смета дека конечно треба да почне и имплементацијата на ветувањето кое го дадоа политичките партии пред изборите, односно потписот кои тие го оставија на Декларацијата за млади, образование и иднина.

„Во таа декларација предвидовме зголемување на буџетот за образование на 5% од БДП, наместо досегашните 3, 3.5% кои се предвидени. Предвидовме зголемување на финансиите за образование на 5% од БДП, истовремено зголемување на средствата за наука, еве на пример во 2017 и 2018 година за истражување и развој беа распределени околу 0.30%, помалку од пола процент, околу 0.30% од БДП-то во 2017 и 2018 година беа определени за наука. Истовремено покрај средствата за образование кои мора да стигнат до 5% од БДП, истовремено мора да се зголемуваат и средствата за науката, во една стабилна европска земја, со стабилно и квалитетно европско образование, процентот на издвоени средства за наука се движи околу 3%, од 2.5% до 3% се движи, па така ние мораме да се стремиме кон тоа, нормално тоа не може преку ноќ, меѓутоа мораме едноставно да се стремиме кон тоа“, посочува Колев.

Смета дека е редно време по формирањето на владата, да се заземат важни чекори во образованието кое е, како што вели, еден од основните постулати на едно квалитетно општество и кое мора да е примарна цел на државата.

„Средствата за образование мора да бидат зголемени, така што и факултетите да имаат една убава автономија, а не да се оптеретуваат со наддавање на средства на студентите, и поради тоа тука мора да застане државата, која мора да ги зголеми едноставно средствата за образование, а не факултетот и студентите да бидат оставени на милост и немилост и на крајот целиот товар да падне на грбот на студентите. Значи тука треба да се која мора да ги зголеми средствата во образованието“, дециден е Колев.

Мартин Колоски