Средношколците Климент Серафимов, Бојан Серафимов, Васил Кузевски, Филип Беџовски и Росица Дејановска придружувани од м-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички технологии и компјутерско инженерство ја претставија Македонија на 21. Балканска олимпијада по информатика што пред неколку дена се одржа во Сараево. Тие освоија еден сребрен и два бронзени медали. Овие ученици пред два месеца, како дел од македонскиот тим на информатичари, се вратија со бронзен медал од 25. Интернационална олимпијада по информатика во Бризбејн, Австралија.
– Ова е досега најголем успех постигнат од македонски ученици на натпревар по информатика. Учениците во конкуренција на свои врсници од 10 балкански земји покажаа и докажаа дека и во Македонија има потенцијал и оти имаме исклучително интелигентна младина. Докажаа дека нашиот образовен систем е квалитетен и треба да се развива и понатаму. Само со учење и упорност може да се стигне до индивидуален и колективен успех – рече на денешната прес-конференција министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Извор: Плусинфо