Три македонски драмски текстови меѓу најдобрите на „Еуродрам“

Европската мрежа за современа драма и превод го соопшти изборот на најдобри современи драмски дела на европско ниво за 2020 година. Меѓу нив се и три нови, необјавувани и неизведувани драми на македонски јазик „ Грејс Кели не пие бамбус“ од Давор Стојановски, „Помеѓу змејот и неговиот бес“ од Сашо Димоски и „Саатот“ од Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.

Во конкуренција на повеќе од 700 пријавени дела од автори што пишуваат на некој од европските јазици се најдоа и 25 текстови напишани на македонски јазик. Изборот на трите најдобри македонски драми го направи Македонскиот комитет на Еуродрам, во состав на Иван Додовски, театролог, писател и универзитетски професор на Универзитетот Американ колеџ Скопје (претседавач), Фроса Пејоска-Бушеро, преведувачка и универзитетска професорка на Институтот за ориентални јазици и цивилизации од Париз, Александар Зицман, преведувач и универзитетски предавач на Катедрата за славистика на Универзитетот во Виена и Катерина Коцевска, актерка и драмска писателка, директорка на Драмски театар од Скопје.

Во соработка со Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, авторите на трите избрани драми ќе добијат парична награда. Исто така, се очекува поширок избор од пријавените драми да биде објавен во посебна антологија, која ќе биде претставена на јубилејното 55-то издание на фестивалот. Избраните македонски драми ќе бидат препорачани за сценска изведба и за превод на други јазици преку мрежата на преведувачи на „Еуродрам“.

„Еуродрам“ е европска мрежа за современа драма и превод, која опфаќа повеќе од 300 членови организирани во 30 јазични комитети. Главна цел на мрежата е да го поттикне преводот на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и за публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност.