Три дена „Музичка култура“ со Дева, Мирко Попов и Роботек

Со почеток од денес, па во наредните два дена, тројца современи автори од електронската музика ќе се претстават во живо на социјалните мрежи на Локомотива и Младинскиот културен центар.

Секој настан ќе започне со краток разговор со авторот, неговото творештво и актуелен процес на работа, но и со можностите за креација и настапи на независните музичари, особено во пандемски услови. Разговoрите ги води Виолета Качакова. Сите настани почнуваат во 19:00 часот.

„Музичка култура“ е програма на Локомотива – Центар за нови инцијативи во уметноста и културата, која се занимава со истражување, контекстуализација и презентација на музичката култура.

 12.11. (четврток) | Дева – Виктор Ирвин Иванов

Дева е мистично музичко искуство, кое тежнее да ве воведе во состојба на езотеричен транс произведен од примордијален ритам, антички дитирамби и сурова синтетика.

Ова е музички проект на Виктор Ирвин Иванов, кој се занимава со музика, публицистика, промотерство и фотографија. 

13.11. (петок) | Мирко Попов

Роден е во 1972 во Скопје. Купува плочи и внимава на музика уште од почетокот на осумдесеттите години. Тој е првиот македонски интернационален диџеј, а професионално се занимава со тоа од 1992. Континуирано е активен на култното скопско радио „Канал 103“ од 1992, каде што е главен и одговорен уредник помеѓу 2008 и 2010 година. Во 1993 е во епицентарот на македонската техно-културна револуција, ставајќи го Скопје на мапата на ова современо движење. Во 1995 го формира PMG Collective како манифест на акцијата што треба да го победи незадоволството од актуелната културна состојба. ПМГ во следните години ќе прерасне во водечка авангардна сила на скопските улици, одговорна за широк спектар акции и музички револуции. Во 1998 ја формира „ПМГ Рекордингс“ независна македонска дискографска куќа со повеќе од 200 изданија, која низ времето ја прошири својата дејност со вклучувањето на уште 3 подвидови (PMG JAZZ, PMG Tanz Digital, Makedonide). Има снимено и издадено 15 албуми со своите 3 проекти: PMG Kolektiv, Kanton6, Makedonide Crew и 2 со легендарниот скопски џез-бенд Sethstat (еден студиски и еден во живо албум). Режисер/продуцент е на 50-ина видеоспотови. Сценарист/продуцент на еден музички документарен филм „103 Љубовно писмо до алтернативната култура“ и автор на видеофилм „До небото замок“. Настапува како актер и пишува музика за театар и филм. Режирал радиодрама. Автор е на книга „Монографија: 20 Години те сакам“. 

14.11. (сабота) | Роботек – Горан Атанасовски
Кога зборуваме за автентична, современа македонска електронска сцена, зборуваме за Роботек. Тоа е човекот што прв се искристализира како препознатлив артист и продуцент, не само на домашната, туку и на регионална сцена. Од неговите Atari почетоци во средината на 90-тите, па сè до софистицираната продукција 20 години подоцна, тој секогаш е оригинален и свој, безмалку легендарен бренд. Со 5 студиски албуми и безброј е.п. и сингл-изданија за дискографската куќа „ПМГ Рекордингс“, тој е еден од водечките артисти на електронската сцена кај нас. Освен со неговата музика, тој е и еден од најбараните диџеи во регионот.