Три четвртини од децата во Велика Британија помалку престојуваат на отворено од затворениците

Три четвртини од децата во Велика Британија поминуваат помалку време надвор од затворениците, се вели во новото истражување кое открива дека степенот на време кое се троши во игра низ парковите се намалил. Една петтина од децата воопшто не си играле надвор во еден просечен ден, покажува истражувањето.

Експертите предупредуваат дека активната игра е од суштинско значење за здравјето и развојот на децата, но дека стравот на родителите, недостигот од зелени површини и напредокот на дигиталната технологија ги наведува младите да водат затворен живот.

Најголем број од анкетираните родителите одговориле дека нивните деца имаат помалку можности да си играат надвор, отколку тие што имале кога биле млади. Новото истражување е силно поддржано од претходни статистики, вклучувајќи го и извештајот на владата во февруари, кој откри дека повеќе од едно од девет деца, не стапнале во парк, шума, плажа или во која било друга природна средина, за најмалку една година.

„Вистината е дека ги затвораме нашите деца”, вели Марк Сирс, од „The Wild Network“. „Ние ја задушуваме нивната способност да бидат слободни , да го прават најдоброто како деца и тоа има значителни влијанија”.  Тој смета дека зголемувањето на дебелината и пониското менталното здравје кај децата е поврзано со недостатокот на физичка активност.

Во средата, секретарот за животна средина Лиз Трус најави дека секој ученик ќе има можност да посети национален парк, истакнувајќи дека само 10 отсто од нив, во моментов имаат пристап до учење на отворено.

„Сакам секое дете да ја знае радоста и восхитувањето од одличните отворени простори”, рече Трус неодамна. „Нашите деца треба да се качуваат на дрвја, а не на ѕидови.”

Според планот, надлежните во националните паркови ќе вклучат над 60 000 млади луѓе годишно преку училишни посети во наредната учебна година. Планот е дел од владината кампања и има за цел кон крајот на оваа година да ги поврзе децата со природата и животната средина.

Новото истражување, во кое учествувале 2 000 родители на деца од 5-12 годишна возраст, на национално ниво, покажа и дека 74 отсто од децата поминуваат помалку од 60 минути играње надвор секојдневно. Споредено со ова, во упатството за затвореници на Обединетите Нации се бара „најмалку еден час вежби на отворен простор“. Анкетата покажала дека децата трошат двапати повеќе време над екран, наместо да си играат надвор.