Трето издание на „Вегефест“ – револуција која почнува во твојата чинија

На 15 и 16 ноември во просториите на скопскиот трговски центар – Скопје Сити Мол ќе се одржи третото издание на „Вегефест“ – фестивал на кој се промовира исхрана без присуство на продукти од животинско потекло.

Преку совети за здрава исхрана, физички вежби, музика и театарска претстава за најмалите, годинава организацијата Анима Мунди ќе се обиде да допре до совеста, хуманоста и разумот на сите граѓани со цел да му дадат шанса на животниот стил без насилство, почнувајќи од својата исхрана.

„Нашиот апел до секој еден е да не биде пасивен конзумент и да го бојкотира и осуди насилството врз животните со тоа што ќе ѝ даде шанса на веге исхраната. Со ВЕГЕФЕСТ не само што покажуваме колку почвата ни дава превкусна и здрава храна во изобилие туку пренесуваме и порака дека е можен поинаков свет, свет што нема да се темели на суровост и безумно насилство, онаков каков што го посакуваме сите, за доброто на сите“, се вели во соопштението.

Во рамките на „Вегефест“, на 15 ноември (сабота), во „Ла Кања“ ќе се одржи хуманитарна забава каде ќе може да се донира за помош на животните.