Трето издание на „ДримОН“ во Струга од 22 до 26 јули

Под мотото „Нурни длабоко“, од 22 до 26 јули во Струга ќе се одржи третото издание на „ДримОН“, фестивалот за процесирање култура.

На летнатата сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, во рамки на фестивалот веќе е најавен настапот на „Telonauka Sovrsena“ и „Bernays Propaganda“ на 25 јули, како и на PMG Kolektiv на 22 јули во Струга.

Во очекување на целосната програма, „ДримОн“во соработка со културниот центар „Кула“ објави отворен повик за пријавување на работилница за “ready-made“, каде дваесетина учесници ќе имаат можност са се запознаат со основите на пpавецот ready-made и да творат во духот на оваа техника. Предметите кои ќе се изработуваат ќе бидат накит, мали скулптури и неконвенционални инструменти од рециклиран отпад. Главната цел на работилницата е да вмрежи млади луѓе кои се заинтересирани за алтернативните начини на употреба на секојдневните предмети.

Организатор на фестивалот е здружението на млади уметници, Иницијативата за независен културен активизам – ИНКА од Струга . Фестивалот е еден од најкрупните проекти на младите струшки уметници, културни работници и писатели, членови на ИНКА. Здружение кое е формирано во 2013 година во Струга, во текот на целата година организира различни културни настани. Мисијата на ИНКА е да ја зајакне свеста кај граѓаните за позитивното влијаније на културата и уметноста врз колективниот квалитет на живот, да иницира креативни индустрии и културно-уметнички настани кои ќе го поттикнат економскиот одржлив развој како и регрутирање, подршка и едукација на млади креативни сили и уметници и зајакнување на нивните креативни капацитети и примена на уметноста како алатка за развој на неформалното образование и социјално вклучување на ранливи групи.