Третина од наставниците велат дека интернет во македонските училишта имаат само на мобилен, покажува истражување

Недостаток на компјутери, интернет, обука и насоки за наставата се само дел од проблемите со кои се соочиле наставниците во македонските основни училишта при онлајн наставата изминатата учебна година, покажува истражувањето на Фондацијата Метаморфозис кое беше објавено денеска.

Прибирањето на податоците за истражувањето се спроведувало преку анонимна онлајн анкета за училишниот кадар и три фокус групи за наставниците, менаџментот и родителите, во периодот од јуни до август.

Речиси половина од учесниците во истражувањето изјавиле дека за службени потреби во училиштата користат лични лаптопи, а дури 85% за службена комуникација користат приватни мејл адреси. Третина од наставниците рекле дека интернет во училиштата имаат само на нивните мобилни телефони.

„Во голем број семејства со повеќе деца на училишна возраст, проблем претставувало и „споделувањето“ на техничките помагала (лаптоп, компјутер), односно ситуацијата најчесто налагала само еден од учениците да биде во можност да следи настава во живо. Покрај ова, неретко се случувало и самите родители да ја следат наставата и/или да ја спроведуваат дома со своите деца, односно да имаат улога на „заменски наставници“. Поради неможноста на овие семејства да набават нови помагала за потребите на онлајн наставата, често биле во ситуација да одбираат кој ќе следи (и одржува) онлајн настава во рамките на семејствата“, стои во заклучоците од истражувањето.

Дополнително, податоците покажале и дека голем број наставен кадар имале проблеми поради недостаток на јасни насоки за водење електронско портфолио и оценување. Скоро сите учесници во истражувањето изјавиле дека за успешна онлајн настава е потребна континуирана техничка поддршка на наставниците.

Меѓу клучните препораки кои Фондацијата Метаморфозис после резултатите од истражувањето се создавање на унифицирана, модерна платформа за онлајн настава, обезбедување компјутери и интернет за учениците, особено оние од ранливите категории и повеќедетните семејства, како и континуирана техничка поддршка на училиштата и наставниците за успешно спроведување на онлајн наставата.

Целосното истражување може да го најдете на следниов ЛИНК.