Трета година по ред одржана Женска трка во поддршка на жените со мултипла склероза

Три илјади и петстотини жени денес учествуваа на „Авицена женска трка“ што годинава се одржа во знакот на подигнување на  јавната свест за мултипла склероза преку споделување на едукативни банери на социјалните мрежи за предизвиците кои го носи оваа хронична болест.

„Оваа година, токму на Светскиот ден на здравјето, имавме огромен број поддржувачи, соработници, искусни маратонци, познати и помалку познати лица кои дадоа поддршка во зголемувањето на општата свест за МС, а секако учество зедоа и жени кои боледуваат од мултипла склероза и на тој начин докажаа дека покрај хроничната и макотрпна болест со која се справуваат секој ден, успешно ја совладаа и оваа траса. На овој начин ги охрабрија сите лица со мултипла склероза да бидат активни и докажаа дека и самото учество е победа“, велат од Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза (МС).

Учесничките дадода поддршка на жените со мултипла склероза, со поставување на портокаловата панделка  која беше содржана во стартниот пакет.

„Симболиката на поврзување со Женска трка беше токму да се сврти вниманието кон поддршка на жените кои се соочуваат со мултипла склероза, бидејќи таа три пати почесто се дијагностицира кај жените отколку кај мажите“, се вели во соопштението.

Мултипла склероза е една од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица. Настанува кога имуниот систем ја напаѓа обвивката на нервните клетки (миелин) во мозокот, ’рбетниот мозок и оптичките нерви, предизвикувајќи воспаление и последователна дегенерација, што води до прекин на невротрансмисијата на сигналот од една нервна клетка до друга. Во Македонија од мултипла склероза боледуваат околу 1.500 лица додека во светот има повеќе од 2,8 милиони лица.

Организатор на трката е Сојузот на спортови на Скопје и таа се одржа под покровителство на Град Скопје. Ова е трета соработка меѓу Авицена Женска трка која се одржува 12 години и Националното здружение за МС.

*Првичната вест на Радио МОФ е обновена согласно информациите на Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза дека организатор на Авицена женска трка е Сојузот на спортови на Скопје под покровителство на Град Скопје, а не Националното здружение за МС.

Фото: Национално здружение за мултипла склероза