Трета акција „Израдувај дете од улица“ на „Лице в лице“

Регионалната платформа за активизам „Лице в лице“ во периодот од 18-ти до 27-ми декември по трет пат ќе ја спроведе акцијата „Израдувај дете од улица“ за децата од Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари. Тие ги повикуваат граѓаните, организациите, компаниите и сите кои сакаат да помогнат, да ги израдуваат овие деца со тоа што ќе им однесат храна.

Оваа активност тимовите на „Лице в лице“ и на Здружение за заштита на правата на детето ја прават доброволно со помош на неколку волонтери. Целта е да се поттикат граѓаните да се вклучат во помош и поддршка на стотина деца кои се згрижени во Дневниот центар за деца на улица.

„Важно ни е, овие деца, кои, поради повеќе причини не ја добиваат потребната грижа од своите блиски, да имаат можност да доживеат радост и среќа, дружење и добрини со вас, солидарните граѓани кои сакаат, знаат и можат да придонесат за подобар живот и поубав свет“, велат од „Лице в лице“.

Годинава, за разлика од претходниве две години во Центарот има  повеќе деца кои се згрижени.

„Имаме сериозен проблем со обезбедувањето храна за децата. Честопати нема храна за сите, па многу би ни значело ако граѓаните што ќе се вклучат во акцијата, донесат храна, пред сè – вели координаторката на Центарот, Ирена Велкоска.

Во Дневниот центар има повеќе од 100 деца, а просторот нема услови за готвење. Затоа, не е препорачливо да се носат супи, тестенини или останати производи кои треба да се варат или печат. Во списокот на препорачана храна се наведени основни прехранбени производи како млеко,  вода, сокови, чај, шеќер, јогурт, овошен јогурт, мармалад, овојшје, маргарин, путер, кајмак, паштети, крем, кашкавал, сирење, салама, ајвар, пинџур и други видови зимница, но и бонбони и мали чоколатца.

Граѓаните кои ќе се приклучат, ќе можат да го посетуваат Дневниот центар во Шуто Оризари во четвртоците од 11 до 15 часот, а во саботите од 12 до 15 часот.

Тие ќе можат да се дружат со децата, да ги слушнат нивните приказни, да дознаат за состојбата во која се наоѓаат и да ги израдуваат носејќи им храна која ќе ги задоволи нивните основни потреби за оваа зима.