Трет протест против законот за прекин на бременоста

Фото: РСЕ

Фото: РСЕ

Активистите од повеќе граѓански здруженија под мотото „Нема ценкање со женските права“, по трет пат излегоа на протест пред Собранието на РМ за уште еднаш да побараат повлекување на Предлог законот за прекинување на бременоста.

Иако дел од нивните забелешките беа прифатени и тргнати од текстот на законот, се уште остануваат проблематичните одредби со кои се ограничува слободниот избор на жената која ја донела тешката одлука за абортус,  посочуваат од граѓанските здруженија.

„Ова е последен обид да се спречи силеџиството кое се демонстрира во целата постапка на донесувањето на овој закон и се надеваме дека овој парламент ќе не заштити од заштитата која ни ја демонстрира министерот за здравство и оваа влада“, истакна Марија Савовска од Акција Здруженска.

Според граѓанските организации, постапката за абортус намерно се бирократизира и се предлага задолжително советување за предностите од продолжување на бременоста, со цел да се влијае врз одлуката на жените. Тие бараат целосно преработување на законот а не, како што велат, само „козметички“ интервенции.

„Апелираме до сите пратеници а особено апелираме до пратеничките од сите политички партии, да не го гласаат предлог-законот кој денеска повторно е ставен на седница. Овој предлог-закон е тест да видиме дали квотите во Собранието го дале очекуваниот резултат. Пратеничките по трет мандат седат поради квоти таму и доколку изгласаат ваков закон ќе ги сметаме за одговорни и ќе бараме укинување на квотите во Македонија“, рече Неда Коруновска од „Реактор“.

На денешната седница во Собранието на дневен ред е ставен и предлог- законот за прекинување на бременоста. Министерот за здравство, Никола Тодоров како овластен предлагач, по расправите во собраниските комисии, направи измени во текстот на предлог законот, но според организациите и со овие измени министерот ги манипулира жените, стручната јавност и граѓанскиот сектор.

„Единственото нешто кое беше тргнато од законот е информирањето на брачниот другар. Но, во законот останаа задолжителното поднесување на барање, чија форма ја одредува Министерот за здравсто, задолжителното советување и задолжителното чекање од три дена“, велат од граѓанските здруженија кои се против носењето на законот.

Министерот за здравство, Никола Тодоров неодамна во изјава за Радио МОФ, рече дека законот за прекин на бременоста останува во законите кои на многу либерален начин го решаваат ова прашање и лично не би се согласил да брани закон со кој се забранува абортус и се ограничува ова право.