Трет интернационален детски фестивал „Сонот на облачето“ од 23 до 25 ноември

Третото издание на Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето” ќе се одржи од 23-ти до 25-ти ноември 2015 година во Младинскиот Културен Центар (сцена Фросина).

Програмата оваа година вклучува претстави од Шпанија, САД, Србија и Македонија, работилница за сенки со раце, презентација на фигури, видео проекции и по некое изненадување.

Фестивалот започнува со работилницата за сенки со раце, раководена од Валериа Гуглиети. На работилницата во горното фоаје на сцена Фросина во МКЦ, со поставено платно и насочен рефлектор актерката ќе демонстрира различни фигури, ликови и форми кои се направени само со движење на рацете и прстите. Следува претставата „Танцот на рацете” на театарот Sombras Chinas од Шпанија, спектакл кој мистично раскажува приказни одиграни со сенки од раце.

Театарот Сенки и облаци од Македонија со претставата „Нашиот штрк Силјан” ќе го прослави својот десетти роденден. Круме Стефановски, основоположникот на оваа театарска група заедно со бројни изведувачи, соработници, музичари, артисти се единствените во Македонија кои творат со техниката на театар на сенки за публика од најразлични возрасти. Влечејќи корени од Karadjoz уметничката традиција (воведена за прв пат во Македонија од Турците пред повеќе векови) претставите на театарот Сенки и облаци прераснуваат во модерна изведба со едукативни елементи. Во вторник публиката ќе има можност премиерно да ја проследи претставата „Нашиот штрк Силјан“ работена според народната приказна за Силјан штркот. Претставата зборува за одговорноста, работливоста и љубовта на Силјан кон своите најблиски во миговите на искушение, кога е штрк и подоцна кога е човек. Претходно публиката ќе може да проследи презентација на фигури за театар на сенки од Индија, Кина, Тајланд, Турција, Индонезија, водена од Андреа Каспари.

Последниот ден од програмата на фестивалот „Сонот на облачeто” ќе бидат изведeни две претстави. Театарот Firefly Shadow Theatre од САД ќе ја изведе „Волкот и трите прасиња – (ново гледање на старата приказна)“ каде публиката ќе ја открие вистината за пријателството и неговата моќ преку ликовите на трите волка и едното прасе. Театарот Le Studio од Србија со „Новогодишната ноќ на едно девојче“ ќе го докаже тврдењето од бајките дека желбите стануваат реалност само кога силно се посакуваат.

Пријатниот простор на фоајето пред сцената Фросина ќе биде дом на Изложбата на лампи со сенки, рачно изработени од неколку локални уметници кои решија да сонуваат во боја. “Lotus Design” ќе се погрижи за удобноста на посетителите на фестивалот, Nesquik и Јаболчело ќе обезбедат освежување, а интерактивните (криви) огледала ќе се “одговорни” за нивото на расположение кај сите посетители.

„Сонот на облачето” е фестивал кој децата, како најискрена публика, ги доближува до суштинското значење на уметноста наречена театар, а тоа е постојаната игра на тенката линија помеѓу реалноста и имагинацијата. Можноста за запознавање и со техничката реализација на оваа уникатна форма, ја вметнува задолжителната нота на едукативни елементи кога станува збор за правилен раст и развој на најмладите. Темите на претставите зборуваат за традиции, културни вредности но и добро познати ликови и приказни. Фестивалот во својата публика редовно вбројува и деца кои припаѓаат на одредени општествено маргиналиизрани групи. Изминатите години дел од дружбата беа децата од СОС детско село,  Трисомија 21 (асоцијација за деца со Даунов синдром и нивните семејства), а годинава фестивалот бесплатно ќе го следат децата од Шутка центарот.

Организатор на фестивалот е  Здружението „Сенки и облаци“ од Скопје, кое со поддршка од Министерството за култура, градот Скопје и Младинскиот културен центар во Скопје по трет пат ќе ѝ овозможи на најмладата публика да ужива во магијата на театарските претстави со сенки.

Билетите се во продажба на билетарницата на Младинскиот културен центар по цена од 120 денари, а за организирани посети (+10 посетители) цената на билетот изнесува 100 денари.

Програма:
23-ТИ НОЕМВРИ, ПОНЕДЕЛНИК
18:00 ч. Работилница за сенки со раце со Валериа Гуглиети, Шпанија (1 час)
19:30 ч. „Танцот на рацете“, Sombras Chinas, Шпанија (45 мин.)
20:30 ч. Коктел и изложба на лампи со сенки

24-ТИ НОЕМВРИ, ВТОРНИК
18:30 ч. Презентација на Андреа Каспари, САД на фигури од Индија, Кина, Тајланд, Турција, Индонезија (30мин.)
9:30 ч. „Нашиот штрк Силјан“, театар Сенки и облаци, Македонија (40 мин.)

25-ТИ НОЕМВРИ, СРЕДА
19:30 ч. „Волкот и трите прасиња – (ново гледање на старата приказна)“, Firefly Shadow Theatre, САД (15 мин.)
20:00 ч. „Новогодишната ноќ на едно девојче“, Theatre Le Studio, Србија (15 мин.)/крај/со/бб