Трет ден протести во Скопје – пред Влада, Обвинителство, Собрание

Од Влада до Јавното Обвинителство, назад и потоа пред Собрание. Ова беше денешната рута по која се движеа демонстрантите кои трет ден по ред излегуваат на протест против полициската бруталност за да побараат правда за Мартин Нешковски.

Пред Собранието тие ја блокираа раскрсницата и побараа оставка од политичките челници, откако претходно полицијата не ги пушти да се доближат до Владата и го блокираше пристапот до Јавното обвинителство. На разглас побараа одговорност од министерката Гордана Јанкуловска и за случајот со новинарот Новинарот Младенов, откако денеска опозицијата објави нова „бомба“ со која обвини за затскривање клучни информации од истрагата.

„Оставка“, „Убијци“, “Нема правда, нема мир“, скандираа демонстрантите пред собраниската зграда, на денешниот мирен протест на кој излегоа стотици млади луѓе.

„Ова не е полициски час“, им порачаа насобраните граѓани на полицајците кои со кренати штитови, не им дозволуваа да стигнат до Владата. „Станувате соучесници на овие убијци“.

Полициски службеник ги извести демонстрантите дека нема кој да ги прими во Јавното Обвинителство.

„Обвинителството сега не работи, може да дојдете утре сабајле“, рече тој.

„Вас камерите ве снимаат и децата ќе се срамат од вас, што го кршите уставното право за протест“, порача еден од демонстрантите.

Други пак пред полицајците го прочита членот 21 од Уставот каде е загарантирано правото дека секој може да протестира без најава и потсетија дека уставот и вчера и денеска се прекршува.

Демонстрантите ги почестија полицајците со гумени бомбони, за да им го честитаат како што велат, денешниот Ден на полицијата. Дел од нив им подаруваа цвеќе.

Бранот протести беше инициран од опозициската „бомба“ пред три дена кога лидерот на опозицијата Зоран Заев објави аудио записи во кои државни и полициски челници зборуваат за случајот со убиството на Мартин Нешковски.

 Освен во Скопје, денеска протести имаше и во Прилеп и Струмица. За утре пак е најавен протест и во Куманово и Кавадарци.