„Travelers Cycling“ – македонска веб апликација за велосипедисти

Веб апликацијата „Travelers Cycling“  е нова апликација за велосипедистите – без разлика дали тие го користат велосипедот професионално, за релаксација или како транспортно средство.

Апликацијата ја прикажува велосипедската мрежа во неколку градови во Македонија, а притоа мрежата е поделена на неколку категории како велосипедските патеки, тротоари или улици по кои е безбедно да се вози велосипед, а претставуваат конекција на две велосипедски патеки, планински (off-road) патеки.

„На апликацијата може да се пронајде и најблискиот паркинг за велосипеди, локација на јавните сервиси за поправка на велосипеди како и локација на воздушни пумпи кои воглавно се наоѓаат на бензиските станици. При креирањето на апликацијата, првенствено ги вклучуваме најпотребните информации за еден велосипедист, како на пример локацијата на фонтани и чешми кои знаат да бидат доста значајни во текот на летните денови, и известување на пречка или времен прекин на одредена велосипедска патека“, велат креаторите кои себеси се претставуваат како вљубеници на велосипедизмот.

Тие истакнуваат дека најголем дел од податоците ги имаат преку сопствено собирање на податоци, додавајќи дека одреден дел од информациите ги добиваат од следбениците и од соработниците.

Според креаторите, таквата мотивација би го зголемила бројот на велосипедистите на дневно ниво, со што би се зголемија потребата за подобрена и побројна велосипедска инфраструктура. Така, градските власти би биле приморани сè повеќе да инвестираат во велосипедската инфраструктура, со што би им се овозможило полесно движење на велосипедистите, нагласуваат креаторите.

„Тravelers Cycling“ е целосно непрофитабилна веб апликација која е создадена да ги мотивира луѓето почесто да го користат велосипедот како превозно средство, со што би се намалил сообраќајниот метеж по улиците, но и загадувањето на воздухот.