Во КСП Центар-Јадро на 5 мај (понеделник) ќе биде отворена мултимедијалната изложба на Верица Тенекеџиева, која се стреми да даде глас на сите кои некогаш искусиле било каков вид возменирување и малтретирање во јавен транспорт.
„Преку активно истражување и собирање на приказни и сведоштва на темата, стигнавме до заклучокот дека оваа појава не е ни најмалку ретка, и многу малку се има променето во последните 15 години. Но чувствата кои е појавуваат како последица се истите“, соопштува Тенекеџиева.
Таа посочува дека делата од овој проект се базирани на приказните од истражувањето и се насочени кон пресоздавање на чувствата опишени во истите.
„Со помош на визуелна уметност, се стремиме да дадеме глас и платформа на жртвите на таков вид на насилство“, објаснува Тенекеџиева.
Приказните се собрани преку активно истражување и интервјуа, извршени со помош на „ОснаЖене“ (Белград, Република Србија) и „Ирида“ (Нови Сад, Србија), како и од извадоци од претходни истражувања на „Реактор-Истражување во акција“, (Скопје, Република Северна Македонија).
Во реализацијата на делата учествуваат и: Матјо Дервенков, Ивета Ставрева, Катерина Јовановиќ и Ружица Несторовска.
Проектот се реализира со поддршка од RYCO/Регионалната канцеларија за младинска соработка.