Транспаренси Интернешнал: Македонија меѓу најкорумпираните земји во Европа

Македонија е во друштво на Косово, Гамбија, Гвајана, Монголија и Панама и го делат 93-тото место од вкупно 180 земји од светот според нивото на корупција, во последниот годишен Извештај на перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнал.

Од максимални 100, Македонија добила 37 поени што ја става земјава меѓу најлошите во Европа според перцепцијата на корумпираност. Полошо рангирани се само Албанија (на 99 место во светот), Молдавија (117), Украина (120) и Русија (138).

Во однос на минатата година, кога државава се наоѓаше на 107-то место во светот, државава има напредок од два поени и 14 позиции на ранг-листата. Но, во споредба со последните десетина години, сè уште останува далеку зад индексот кој Македонија го имаше во 2014-та година – 64-то место во светот со 45 поени.

Од регионот, најмала перцепција за корупција има во Словенија (36 место во светот), по што следуваат Хрватска (60), Црна Гора и Грција (67), Бугарија (77), Турција (78), Србија (87) и Босна и Херцеговина (89).

Индексот на перцепција на корупција се заснова на 13 анкетни прашалници и експертски извештаи кои ја мерат корупцијата во јавниот сектор на скала од 0 до 100.

На глобално ниво резултатите за перцепцијата на корупцијата покажуваат дека континуираниот неуспех на државите значително да ја исконтролираат корупцијата придонесува за кризата на демократијата во светот.

Оваа година Данска се најде на водечкото место, како најмалку корумпирана држава во светот, а на првите пет позиции се уште и Нов Зеланд, Финска, Сингапур и Шведска. На дното на ранк-листата, на последното место е Сомалија, а меѓу петте најкорумпирани држави се наоѓаат уште и Сирија, Јужен Судан, Јемен и Северна Кореја.

„Со многу демократски институции под закана низ целиот свет, најчесто од лидерите со авторитарни или популистички тенденции, мораме да направиме повеќе за зацврстување на контролните механизми на власта и заштита на човековите права. Корпцијата ја ослабнува демократијата и произведува опасна спирала во која корупцијата ги поткопува демократските институции, а слабите институции потоа не се во можност да ја контролираат корупцијата“, вели Патрициа Мореира, оперативната директорка на Транспаренси Интернешнал.

Естонија, Брегот на Слоновата Коска, Сенегал и Гвајана се издвоени како земји со најголеми подобрувања, додека Австралија, Чиле, Малта, Турција и Мексико имаат назадувања во перцепцијата на корупцијата. Унгарија, САД и Бразил се земји на кои од Транспаренси Интернешнал велат дека треба да се обрне внимание во следниот период.

Според извештајот, повеќе од две третини од земјите имаат индекс кој укажува на недоволно ефикасна борба против корупцијата. Загрижувачки е што најголемиот дел од државите не направиле никаков, или направиле многу мал напредок во областа на искоренување на корупцијата, додека само 20 земји направиле значајно подобрување во справувањето со корупцијата.