„Транс прајд“ во септември во Белград

Здружението на граѓани „Егал“ и Геј лезбејскиот инфо центар од Белград ќе организираат собир за поддршка на транссексуалните луѓе на 20 септември во Пионерскиот парк во главниот град на Србија.

Како што најавуваат организаторите, целта на собирот е да се укаже на лошата положба на транс заедницата во Србија и проблемите со кои таа се соочува, но и да се искаже незадоволство од досегашните резултати на „Парадата на гордоста“.

Организаторите велат дека положбата на транссексуалците е отежната, затоа што државата не им издава адекватни лични документи се до целосното завршување на процесот на прилагодувањето на полот кон родовиот идентитет.

„Тоа им оневозможува соодветен пристап до здравствена заштита, образование, вработување… транс личностите не се системски препознаени, па затоа се стигматизирани и изложени на насилство и дискриминаторско однесување“, велат граѓанските активисти.

Меѓу нивните барања се: правно препознавање на родовиот идентитет, брзо донесување на измените и дополните на Законот за матични книги, поради полесно издавање на лични документи, сензибилизација на полицијата, центрите за социјални работи и друго.