Со серија настани од 22 до 25 јуни ќе се одржува петиот Викенд на гордоста 2017 (Skopje Pride Weekend 2017) – „Транс-формации“.
Организатори се Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници” (СЗПМЗ), ЛГБТИ – Центар за поддршка при Хелсиншкиот комитет и ЛГБТ Јунајтед – Тетово, кои потенцираат дека настаните имаат за цел да креираат простор за ненормативни форми на социјални светови. Односно „релации, идентитетски позиции и телесни стилови, кои во рамките на хетеронормативното, националистичко и неолиберално капиталистичко опкружување се означени како настрани, изопачени, изродени, ненормални, неуспешни, патолошки, чудни итн“.
Викендот на гордоста повторно е пропратен со впечатлив дизајн на Игор Делов и Бисера Крцковска, за кој Славчо Димитров од Коалиција СЗПМЗ вели дека е доста успешен и веќе „кине“ на социјалните мрежи
„Кураторскиот концепт е ‘Транс-формации’ кој што е повторно амбивалентен со двојно значење. Од една страна нужноста од повеќе дејствување во насока на, би рекол радикална трансформација на општеството. На второ ниво, сакаме да укажеме дека трансформацијата постојано се случува. Лудилото и паронијата е на оние кои што мислат дека можаат да го конзервираат општеството и сакаат да ја сопрат трансформацијата, која секогаш некако врие испод она што се случува во реалноста. На трето, за нас нас можеби најзначајно ниво е да се поиграме и да ги предизикаме претпоставките за човековите тела. Имено, телото ние секогаш го ставаме прво место во овие наши активности, затоа фокусот ни е на перформативните body art практики, или визуелни уметности кои се занимаваат со телесноста“, вели Димитров во разговор со Радио МОФ.
Во овој контекст, вели тој, посебно ги интересира да ги предизвикаat претпоставките за фиксни машки и женски тела и да играме во тој континуум, некаде помеѓу што е отворен како хоризонт.
„Сметаме дека телата што се трансформираат во своите интеракции, и во своите светови што ги креираат, го транформираат и самото општество. Во таа насока и постерот дизајнерски се игра со тоа. Од една страна трансформацијата која е видлива – во модриот патлиџан се појавува цитрон. На друго ниво асоцира на некаква артифициелност која секогаш се препишува како навреда во, да речеме, трансфобичната имагинација кога трансексуалните или трасродовите луѓе се обвинуваат дека ‘не било природно’ итн. Трето, го има тој момент на трансформација во буквална смисла на зборот отвора отворен хоризонт на можности, за да се види неочекуваното на места кои што сме навикнати да ги гледаме низ одредена оптика“, нагласува Димитров.
Во однос на програмата, Димитров наведува дека таа по втор пат е реконцептуализирана. Идејата е повторно да се направи високо профилирана културно-уметничка програма.
„Односно, сакавме да има содржина во која ќе бидат понудени некои од најзначајните современи уметници и културни работници кои се занимаваат со прашањата за род и сексуалноста во светски рамки, па на тој начин да направиме во нашиот контекст нешто што комплетно отсуствува“, вели Димитров.
Инаку, Викендот на гордоста се отвора со изложба на реномираниот уметник Касилс (САД/КАН), утре од 20:30 ч. во Мала Станица. Во петок, (23 јуни) во Кино Култура со перформансот „Метарод“ ќе се претстави француското дуо Долорес К., сочинето од уметниците Хелен Би и Виктор Марзук.
Во Мала Станица во сабота е предвидено јавно предавање на еден од најзначајните перформанс уметници и зналци во областа на визуелните и изведувачките уметности – Доминик Џонсон, од Квин Мери во Лондон. Вечерта во сабота во ноќниот клуб „Епицентар“ свој клупски перформанс ќе има Аереа Негро, која пак организаторите ја карактеририраат како „една од дивите на електронската музика, пејачка со исклучителен вокал, продуцентка, диџејка и композиторка“.
Фестивалот се затвора во недела (25 јуни) со дрег кабаре на белградскиот колектив „Ефемерни исповеди“ во Кино Култура.
Б.Ш.