Трамп сака да ја забрани видео-платформата ТикТок во САД

Видео-платформата ТикТок е омилена кај младите луѓе и има 800 милиони корисници ширум светот. Американските власти се сомневаат дека кинеската компанија и’ проследува податоци на кинеската влада.

„Што се однесува до ТикТок, ќе ја протераме од САД“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп пред новинарите кои патуваа со него во претседателскиот авион Ер Форс Уан. „Имам таква моќ. Тоа може да го сторам со претседателски указ или на тој начин (со вид економско овластување)“, изјави тој.

Американскиот претседател уште вчера рече дека планира да преземе мерки против видео-платформата.

ТикТок е во сопственост на кинеската интернет компанија БејтДенс, чија вредност се проценува на 100 милијарди долари. Според американската администрација видео апликацијата претставува закана за националната безбедност и може да се собираат лични податоци од Американците.

„Тикток“ ги негираше обвинувањата за тоа дека е контролирана од кинеската влада и дека ги споделува податоците со неа.

Популарноста на ТикТок нагло се зголеми во изминатите години, главно кај помладите од 20 години. Преку апликацијата може да се споделуваат видеоснимки од 15 секунди, кои им се достапни на сите.