Американскиот претседател Доналд Трамп ќе почне да го поништува наследството во врска со климатските промени кое го остави неговиот претходник Барак Обама, преку серија одлуки кои драстично можат да ја променат посветеноста на Соединетите Американски Држави на климатскиот Договор од Париз.
Трамп денес треба да потпише извршни укази кои ќе суспендираат или укинат дел од мерките кои беа во основата на планот на Обама за справување со глобалното затоплување. Помеѓу останатите, се очекува да се нареди ревизија на планот за чиста енергија, кој ги ограничува стакленичките гасови во термоцентралите на јаглен.
Трамп, кој во минатото го имаше наречено глобалното затоплување – „измама“, го критикуваше планот насочен кон термоцентралите како непотребен товар врз американските работници и американската индустрија на јаглен која се наоѓа во проблеми.
Висок службеник во администрацијата на Трамп, за Гардијан, изјавил дека ефектите нема да стапат на сила веднаш, особено во поглед на правните процедури.
„Најверојатно ќе има поголем број правни процеси… Дали ќе бидат потребни три години, две години или една, не знам. Но ќе биде потребно време“, изјавил тој.
САД, според Договорот од Париз, се обврза да ја намали емисијата на стакленички гасови за 26 до 28% до 2025 година, во споредба со нивоата од 2005 година. Столбот на таа политика требаше да биде планот за чиста енергија на Обама, кој во 2015 година беше посочен како најсилна акција за климатските промени од еден американски претседател, но, истовремено беше критикувана за таргетирање на термоцентралите на јаглен.
„Тој план стапи на сила пред Париз со причина. Сите знаеја дека доколку САД не направи сериозна заложба Договорот никогаш немаше да се случи. Сега останува отворено прашањето како остатокот од светот ќе одговори доколку САД го елиминира главниот клин на нивната заложба“, објаснува Ричард Лазарус, еколошки правник од Харвард.
Трамп исто така ќе го поништи акцискиот климатски план на Обама, директивата од 2013 година за одговорот на американската власт на климатските промени. Неговите укази ќе го прекинат и 14-месечниот мораториум на концесии за ископ на јаглен.
Ќе бидат поништени и правилниците објавени од Советот на Белата куќа за квалитетот на животната средина од минатиот август, а ќе се преиначат и проценките за општественото чинење на стакленичките гасови, бидејќи не биле објавени на „транспарентен начин“, рекол претставник од Белата куќа.
Претставникот на администрацијата на Трамп, за британскиот весник додал дека овие мерки се насочени кон постигнување на енергетска независност. „Сакаме да одиме по наш курс и сакаме тоа да го направиме на наш начин“, изјавил изворот кој инсистирал да остане неименуван и покрај претходните критики од Трамп за медиумското користење на анонимни извори.