Трамп: Ќе бидам претседател на сите Американци

Новиот американски претседател Доналд Трамп пред да го почне победничкото обраќање се извини што присутните чекале долго време со зборовите „комплицирана работа“, а потоа се заблагодари на сите за довербата во него.

Трамп изјави дека веќе добил телефонски честитки од противкандидатот Хилари Клинтон и порача дека следно што е потребно е нацијата да се обедини.

„Хилари работеше многу напорно, многу долго време. И должиме голема благодарност за нејзината досегашна служба за нашата земја. Сега е потребно Америка да ги надмине поделбите. Да застанеме заедно и да се обединиме. Ветувам на секој граѓанин на нашата земја дека ќе бидам претседател на сите Американци и тоа ми е многу важно“, рече Трамп.

Новоизбраниот претседател упати порака и до оние кои не гласаа за него. „Барам од вас да ме водите и да ми помогнете заеднички да ја обединиме оваа голема нација“.

Трамп најави ‘национален проект на обнова’. Рече дека ќе ги собере најдобрите и најпаметните. „Ќе го дуплираме растот и ќе бидеме најсилна економија во светот. Истовремено ќе соработуваме со сите останати земји кои ќе сакаат да соработуваат со нас. Америка повеќе нема да се задоволи со ништо помалку од најдоброто“.