Трамп изигран од тиктокери и фанови на К-поп, остана без публика на митингот

Резервираните билети за митингот не биле употребени, па во салата имало стотици празни седишта.

Фанови на корејска поп музика и корисници на апликацијата „Тикток“ резервирале билети за митингот на Трамп кој требало да се одржи саботата вечер во Тулса. Меѓутоа, поради координиран план, резервираните билети не биле употребени и салата со капацитет од 19,000 седишта имала стотици празни седишта.

Како што известува „Њујорк Тајмс“, ваквата „измама“ започнала да се планира откако на 11 јуни преку „Твитер“ се појавила објава за бесплатна телефонска резервација на билети за митингот. „Измамата“ експлодирала на „Тикток“ каде што младите корисници ги повикале своите следбеници да се регистрираат за митингот.

„Трамп активно се обидува да ги лиши американците од многу права, па за мене, ова беше видот на протест кој можев да го направам“, истакнала 18 годишната Ерин Хофман од Њујорк која освен што резервирала два билета, ги убедила своите родители да резервираат уште два билети.

Следствено на малиот број на дојдени поддржувачи, менаџерот на кампањата на Трамп, Бред Парскал ги обвинил демострантите од „БЛМ“ протестите кои се одвивале пред салата, истакнувајќи дека „протестантите го блокирале пристапот кон металните детектори и ги спречиле посетителите да влезат“.

Во неделното соопштение, Парскал ги критикувал медиумските соопштенија за „Тикток“ кампањата, ги критикувал новинарите и инсистирал дека малата посетеност е резултат на целонеделните дезинформации кои ги предупредувале луѓето да не се појавуваат на митингот поради коронавирусот и расните протести.

Политичари и аналитичари, неретко и родители на децата кои учествувале, го потврдиле постоењето на „измамата“ со билети.

„Тој беше измамен од млади луѓе и фанови на К-поп кои ги резервирале билетите без намера да го посетат митингот“, нагласил Џои Реид веднаш по обраќањето на Трамп.

Додека Трамп во неговата кампања горделиво истакнувал дека резервирани биле повеќе од милион билети, многу корисници на „Тикток“ споделиле фотографии од резервирани билети, иако немале намера да се појават на митингот.

„Координираниот план најмногу се прошири на алтернативната страна на „ТикТок“, каде корисниците без многу фама прават итроштини, но и активизам“, изјавил еден од „тиктокерите“ за „Њујорк Тајмс“.

„Фановите на корејски поп кои се групираат на „Твитер“ и алтернативниот „Тикток“ соработуваат и многу брзо споделуваат информации меѓусебе. Тие го знаат начинот на работење на алгоритмот“, додал тој.

Извор: Guardian