Трамп го обвини Обама дека го прислушувал, експретседателот на САД демантира

Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера го обвини својот претходник Барак Обама дека го прислушувал пред претседателските избори, кои се одржаа на 8 ноември минатата година.

„Страшно. Штотуку дознав дека Обама ме прислушувал во Кулата Трамп непосредно пред мојата победа“, напиша Трамп на „Твитер“, не наведувајќи конкретни детали или докази.

Тој во неколку пораки на твитер-профилот додаде дека се работи за макартизам“, алудирајќи на потрагата по симпатизери на комунизмот во САД во 50-тите години од минатиот век. Исто така, го обвинува експретседателот дека „отишол многу ниско“ со прислушувањето и наведува дека „ова е нов Вотергејт“.

По ова, со реакција се јави портпаролот на Обама, Кевин Луис, кој ги отфрли обвинувањата од Трамп. Според Луис, главно правило на администрацијата на Обама било дека ниту еден службеник на Белата куќа нема да се меша во каква било истрага што ја спроведува министерството за правда.

„Како дел од таа практика ниту претседателот Обама, ниту кој било друг службеник на Белата куќа никогаш не наредил надгледување на кој било американски граѓанин. Кое било друго тврдење е едноставно лажно“, нагласи Луис.