Трамп: Брегзит ќе биде „одлична работа“ за Британија

Доналд Трамп вели дека Велика Британија е „паметна“ што одлучи да ја напушти Европската унија. Тој смета дека унијата е доминирана од Германија и е на работ на колапс, изјави во интервју за британскиот член на Ториевската партија, Мајкл Гоув.

Новоизбраниот претседател вети дека ќе склучи трговски договор со Велика Британија кратко после Брегзит, а вели и дека разбира зошто гласачите избрале да ја напуштат ЕУ на минатогодишниот референдум.

„Гледате во Европската унија, и тоа е само Германија. Практично, тоа е само возило за Германија. Затоа мислам дека Обединетото Кралство е паметно што излезе“, му рекол на Гоув.

Гоув, кој е првиот постар конзервативец од Британија кој се сретна со Трамп, поминал околу еден час разговарајќи со него во она што го нарекува „светликава, златна, машка пештера“ во Кулата Трамп, Њујорк, во интервју за Тајмс.

Изјавил и дека е многу возбуден да се запознае со премиерката, што треба да се случи веднаш после неговата ианугурација во петок.

„Ќе се сретнам со Тереза Меј. Всушност, ако сакате, може да го видите писмото, каде и да е. Само што ми го прати. Побара средба и ќе се видиме веднаш откако влезам во Белата куќа. Ќе направиме нешто многу брзо“, вели Трамп, алудирајќи на трговски договор.

Во интервјуто зборува и за бегалската криза и порастот на терор во Европа, за што ја обвинува германската канцеларка Ангела Меркел. Вели и дека САД ќе престанат да тргуваат со BMW автомобилите, ако германската компанија одлучи да отвори фабрики во Мексико.