Трабант го освојува Менхетен

Не можам да се решам дали овој автомобил е поголем магнет за погледите или е тоа имиџот на старата Источна Европа, рече Енди Бурзински додека управува со неговиот лимон-зелен трабант од 1985 низ сообраќајот на центарот на Менхетен.

Трабант го освојува Менхетен

На основа на набљудувачите кои мафтаат и отпоздравуваат на патот на овој 48-годишен инженер од Квинс, најверојатно е ова второво. Единствен исклучок е предизвикливата блондинка која незаинтересирано поминуваше додека автомобилот застана во сообраќајот на 52. улица, за да каже дека таа израснала со трабанти во поранешна Источна Германија.

Повеќето луѓе фотографираат или прашуваат „Што е ова?“ кога ќе го видат – или слушнат – прилично бучниот автомобил со 26 коњски сили. Бил првпат преставен во 1957 година, како одговор на Советскиот блок на Фолксваген, и трабнантите – кои ги има повеќе од 3 милиони – биле произведувани во Цвикау, источногермански град кој претходно бил седиштето на Ауди. И покрај тоа што се чекало на список и по неколку години за да се добие, продажбата опаднала по паѓањето на Берлинскиот ѕид пред скоро 25 години, и последните „траби“ излегле од фабриката во 1991 година.

И Бурзински и другите вљубеници во овој автомобил, знаат дека 25 години е возраста кога повеќето автомобили повеќе не поминуваат на тестовите за безбедност и на регулативите на емисии на гасови за да бидат увезени како антиквитети – а тоа е случајот и со трабант. Ова значи дека последните модели на трабант, стари по 23 или 24 години, може наскоро да дојдат и на брегот на САД.

Повеќето од 200-те и повеќе трабанти кои се тркалаат по патиштата во САД се модел 601, кој практично останал непроменет од 1963 до 1989 година. Скоро една третина од увезените трабанти ги увезол Мајк Ејнен, 55-годишен колекционер од Вајт хол, Мериленд. Тој вели дека поседува околу 30 – и веќе престанал да брои – а продал околу 40 од овие расчадени автомобили, кој ги нарекува „косачки во пластична кутија“. Парадоксално, но тој има своја служба за косење трева со електрични косалки заради загриженоста на сопствениците на дворови за екологијата.

Трабант се наоѓа на многу листи на најлоши автомобили било кога произведени, но не им го кажувајте тоа на десeтиците сопственици кои се подготвуваат да се соберат во Вашингтон на осмата годишна Парада на трабанти, која ја организира Меѓународниот музеј на шпиони, приватна институција полна со спомени од Студената војна.

Годинешниов настан, кој е закажан за 8 ноември, можеби ќе биде и досега најголемиот заради прославата на четвртина век од паѓањето на Берлинскиот ѕид, која ќе се одржи следниот ден. Претходните настани беа бизарни како и самиот автомобил. Помеѓу другите содржини, се организирале и натпревари во полнење на трабантите со луѓе во кој е предизвик што е можно повеќе луѓе – облечени како циркуски кловнови – да влезат во ова мало возило со две врати. Рекордот е 16-мина во „комби“ модел – еден вид на караван од Источниот блок. Овој тренинг има и историско значење, затоа што луѓето тајно пребегнувале од Источна Германија во тајните прегради на трабантите.

Во музејот има реконструкција на контролниот пункт Чарли, а неколку од сопствениците настапуваат облечени во реплики на униформите од Штази. Овој настап го сакаат повеќето учесници, но не и сите. Еден член од клубот Дашхунд кој бил поканет, рекол дека не сака да настапи токму заради костумот.

– Се разбира дека ова не се убави спомени за секого, рече Аманда Олке, директор на одделот Образование за возрасни во музејот.

Џастин Шепард, 32-годишен продавач ма медицинска опрема од Сан Антонио, знае се за задоволството и предизвиците од возењето на овој дел од историјата. Како координатор на трабант форумите, најголемото онлајн збирно место на англиски јазик за вљубениците во овој автомобил, и тој слушнал многу приказни за патувачките ускуства со него. „Има многу итарпејовски нешта кои морат да ги направите за ова количе повторно да тргне“.

Сопствениците на трабанти мора да се навикнат на тоа дека луѓето постојано го фотографираат. Бурзински се сеќава за една прилика кога сопственик на БМВ сопрел насред сообраќај за да го слика и би удрен одзади. За среќа, ниту Бурзински ниту пак Шепард биле вклучени во некаква сообраќајна несреќа со трабант. Овој автомобил не е направен од челик, заради недостигот од истиот во Источна Германија, туку од дуропласт, пластична маса отпорна на вода која е помешана со рециклирани памук. Шепард не се осмелува да ја тестира неговата издржливост во судар.

– Луѓето се шегуваат, не разбираме зошто ставаш појас кога секако ќе загинеш ако те удрат , вели тој.

Од друга страна, трабантите се толку едноставни што е доволно просто техничко познавање за да го поправите. Ова било многу практично за време на комунизмот кога механичарите со месеци во сервисите им ги држеле авомобилите на муштериите.

Некои жители од поранешниот Источен блок се шокираат кога ќе слушнат дека овие автомобили се сега колекционерски примероци. Илјадници од нив биле оставани по улиците во западен Берлин. Една шега од тоа време оди вака: „Како ќе ја удвоиш вредноста на трабант? Ако го наполниш со гориво“.

Примероците во возна состојба на почетокот на 90-ите години се продавале по 100 долари, а денес во САД достигнуваат цена и 30 пати повисока. А тоа е дребулија за овој колекцонерски автомобил.

Денес западните туристи го гледаат трабант како симбол на добата која полека се заборава. Посетителите во Берлин плаќаат и по 60 фунти за „сафари со траби“ – обиколки во автомобили бојадисани во шарите на зебри или со флеки како леопарди. Некои колекционери го сметаат за инженерска икона – автомобил кој можете да го возите и без да имате милиони, слично на тоа што го сторил Форд со Модел Т во Америка. Овие автомобили тогаш биле ем модерни, ем моќни.

Извор: МИА, Волстрит џурнал