Топлотниот бран „Кербер“ ја зафати Европа – се очекуваат температури над 40 Целзиусови степени

Топлотен бран зафати делови од јужна Европа и северозападна Африка, со можни рекордни температури во наредните денови. Се очекува температурите да надминат 40 Целзиусови степени во делови од Шпанија, Франција, Грција, Хрватска и Турција, јавува Радио Слободна Европа.

Во Италија температурите би можеле да достигнат до 48.8 Целзиусови степени. Црвен аларм е прогласен за десет градови, меѓу кои и Фиренца и Рим.

Италијанскиот метеоролошки сервис го нарече топлотниот бран „Кербер“ по митското чудовиште со три глави, кучето чувар на пеколот.

Националната метеоролошка канцеларија на Обединетото Кралство посочи дека температурите ќе го достигнат врвот во петок, 14 јули, а BBC Weather истакнува дека големи делови од јужна Европа би можеле да забележат температури над 40 Целзиусови степени.

Минатата година за време на летните топлотни бранови во Европа починаа 60.000 луѓе, а како што открија научниците, топлината станала посмртоносна поради ефектот на стаклена градина што се создава на планетата.

Статистичарите на Европската Унија во август 2022 година прогласија состојба на тревога, додека екстремните горештини, сушата и пожарите зафатија голем дел од континентот, откако забележаа невообичаено голем број луѓе кои умираат за време на најжешкото лето во Европа досега.