Too Young To Wed: Серија портрети на деца невести

Фотографката Stephanie Sinclair направи серија фотографии на деца невести со цел да собере пари за девојчиња кои се присилени да се мажат, но и за да ја подигне јавната свест за овој проблем.

Кога Mejgon имала 11 години, татко ѝ ја продал на оженет 50-годишен Авганистанец за две кутии хероин.

„Цел мој живот, не сум почувствувала љубов“, вели Mejgon, која издржала 5 години секојдневно насилство, за фотографката на National Geographic.

Секоја година, 14.2 милиони девојчиња како неа се присилени да се мажат пред да наполнат 18 години. Оваа традиција им наштетува на сиромашните девојчиња, оставајќи ги поизложени на насилство, сиромаштија и смрт поради бременост и породување на многу рана возраст и разните здравствени компликации кои тоа ги носи.

„Бременоста е голем здравствен ризик за девојчињата, чии тела не се подготвени да носат плод. Всушност, компликациите при бременост и раѓање се водечката причина за смртните случаи кај девојчиња на возраст од 15 до 19 години“, посочуваат од UNICEF.

Sinclair ја запознала Mejgon во засолниште во Херат, кога почнала да ги документира маките и неправдите со кои се соочуваат малолетните невести. Откако дознала дека тогаш 16-годишната девојка била вратена да живее со татко ѝ, Sinclair почувствувала дека треба да продолжи со иницијативата, која подоцна прераснала во серијата Too Young To Wed.

„Не знам што се случи со Mejgon. Сигурна сум дека што и да е, не е добро“, вели Sinclair. „Фактот дека бев немоќна да направам било што за неа е една од основните причини поради кои продолжив со проектот и се уште работам на него“.

Sinclair започнала да фотографира деца невести во Авганистан во 2003 година, каде 53 посто од девојчињата се мажат пред да наполнат 8 години. Иако државата го направи ваквиот брак нелегален во 2009, ваквите мерки останаа неефективни.

Од вторникот натаму, Sinclair ги продава фотографиите кои ги направила во повеќе од 10 земји за финансиски да поддржи неколку организации кои спасуваат девојчиња од ризичните подрачја.

Дел од заштедите ќе поддржат жени и девојчиња од селото Каргати во Непал, кое беше разурнато од неодамнешните земјотреси. Земјотресите, кои одзедоа повеќе од 8000 животи, ги оставија и децата во поголем ризик од експлоатација, според UNICEF.

Се очекува да порасне бројот на бракови со деца, со оглед на тоа што многу деца ги изгубија родителите, а и многу возрасни ги изгубија домовите и не можат да си дозволат да ги издржуваат своите ќерки, па ги продаваат, јавува Reuters.

Извор: Huffington Post