Тони Ристовски, македонска Википедија: Со бугарските уредници имаме постојана „борба“

Википедија на македонски јазик, 18 години од нејзиното функционирање, стигна до речиси 100 000 статии на македонски јазик кои месечно имаат и до 3 милиони прегледи. Тони Ристовски, уредник и администратор на Википедија, за Радио МОФ објаснува како се уредуваат овие статии, кој им прави најмногу проблеми, но и зошто Радио МОФ нема своја страници на Википедија.

На кој начин некој може да се добие своја лична статија на Википедија?

Треба да постојат извори кои ќе ја потврдат веродостојноста за личноста. Заедницата одредува доколку некоја личност е доволно значајна да заслужи да има своја статија. Потребно е мислењето да биде раширено, да има извори кои што ја поткрепуваат личноста како на пример: портали, весници, енциклопедии за да се утврди дека личноста навистина постои и дека е доволно значајна да има статија. Треба да биде познат во општата јавност и да има извори што го поткрепуваат тоа, на пример: да има издадено дела, објавено интервју и слично. Вообичаено не сакаме кога некој сам за себе пишува статии, тоа е веќе конфликт на интереси, затоа секогаш препорачуваме тоа да биде напишано од трето лице. Ако човек сам пишува за себе, од старт се знае дека е нешто непожелно.

Како ги проверувате статиите кои што секој може да ги објави и на кој начин се проверува дали податоците се точни?

На македонската Википедија моментално имаме 17 администратори. Тоа се лица што бележат дневник на промени кои се извршени во статиите во изминатиот период. Вообичаено тие администратори имаат алатки со кои прегледуваат што е направено со претходната верзија на статијата, па споредуваат што направила личноста што ги преуредила. Ги утврдуваат врз основа на тоа што го знаат и личноста што преуредила/ внела некој нов податоток, на пример за број на жители. Доколку тој податок не е веднаш поткрепен со извори , истото уредување може да биде отфрлено или корисникот што нешто напишал да биде исконтактиран да даде извор за тоа што го ставил. Вообичаено промената или се отфрла или се прифаќа. Се соочуваме и со вандализми, тогаш веќе настапуваме и со казнени мерки, па се блокира личноста која што брише информации или има недолично однесување.

Колкав процент од креираните статии се релативно квалитетни?

Во последниов период, во последнава 2018 година, би рекол дека околу 80% статии, веднаш сме ги прифаќале и не добивале некакви шаблони за внимание да се подобри квалитетот, дека треба да има верификација на пример да се средат внатрешни врски, да се додадат извори. Така што, околу 80% биле добри статии.

Панорама на селото Кален, Мариовско, од проектот Викиекспедиции

Колку често се врши злоупотреба на текстовите на Википедија и на кои теми?

Промена на статии има секојдневно, тие се најчесто со IP адреси, кога некој не се ни пријавува со име и презиме, корисничко име, туку од IP адреса бидејќи на Википедија може да пристапи секој. Тие промени вообичаено ги поврзувам со работата во училиштата, се сомневам дека се претежно средношколци или основци, бидејќи вообичаено се случува во текот на училишни часови, но не можеме точно да ги лоцираме. Тие можеби ова го сметаат тоа за игра и си објавуваат некави податоци или бришат. Тогаш следуваат казни, ние ги блокираме тиe IP адреси, а кога ќе се блокира IP адреса, следниот момент кога се најавува корисник не може да уредува. Таква е алатката и со тек на време почесто пристапуваме кон блокирање.

Ако се работи за историски теми, вообичаено има пропагандни теми и тогаш веќе не би рекол се работи за ученици. Имаме стандардни грчки, бугарски корисници кои редовно менуваат, па наместо македонски револуционер пишуваат бугарски револуционер, македонски јазик – бугарски, стандардни елементи кои ги имаме постојано со бугарски корисници. Тоа веќе не е IP адреса, туку се уредници од тие википедии кои уредуваат намерно и менуваат теми на нашата Википедија. Со бугарските уредници имаме постојана „борба“, бидејќи се постојано присутни на нашата Википедија, уредуваат на нивен начин и вметнуваат извори од нивната библиографија, па сакаат да сменат некои работи согласно со нивното видување на нештата.

Колкав е просекот на пишување статии годишно?

Просекот на пишувани статии во последно време има стапка од 5 000 до 6 000 статии годишно. Во 2009 година има најголем број на напишани статии, вкупно 15 000 статии. Во 2016 пак има најмалку напишани статии, 3 000 нови статии.

Како ја гледате Википедија на македонски јазик во иднина, кои се вашите планови и цели?

Најголема цел ни е годинава, а веќе сме блиску, да го достигнеме подвигот од 100 000 статии, што сепак за Википедија со држава од 2 милиони жители е успех да се имаат 100 000 статии на македонски јазик. Целта ни е самите статии што сега ги имаме да бидат подобрени, квалитетно да напредуваме, не само квантитативно. (Текстовите) да бидат средени, бидејќи моментално имаме голем број на статии кои се во лоша состојба.

А зошто Радио МОФ, како прво младинско онлајн радио нема своја статија на Википедија, на македонски јазик? :)

Не знам, не се нашол некој да уреди. Доколку постојат извори да се потврдат податоцитe, на пример кога е основано и слично, тогаш нема проблем. Само треба време некој од нас да седне и да ја напише.

Минеа Хасиќ