Тонга им забранува на девојчињата да вежбаат бокс и рагби за да „им го зачува достоинството“

Владата на Тонга им забранува на девојчиња да играат рагби или да се занимаваат со бокс, затоа што спортот се смета за недостоен и не е во согласност со традиционалната култура на островот. Писмото од Министерството за образование предизвикало немир и бес помеѓу Тонганците, кои велат дека директивата е застарена и сексистичка.

Валери Адамс, новозеландска двократна шампионка во фрлање ѓуле, чија мајка е Тонганка, ја критикува забраната.

„Следејќи го овој начин на размислување, горда Тонганка како мене, не би можела да го достигне она што го имам на овој свет. Тонганките мора да се слободни да ја изберат својата иднина, а да не бидат повлечени од погрешно и тврдоглаво толкување“, напиша Адамс на Фејсбук. „Почитувањето на традицијата и следењето на страста не треба да се во конфликт. Рагби, како и секој спорт, треба да е прифатен од жените во Тонга – ние сме добри во рагби – не земајте ни го!“

Застапник за правата на жените од Тонга, Офа Гутенбејл-Ликилики, вели дека забраната претставува застарен став.

„Тоа не враќа назад кон размислувањето дека образованието е само академско, а девојчињата за да останат во таква академска средина, спортот како алтернатива е достапен само за момчињата“, изјави Гутенбејл-Ликилики за Дејтлајн Пацифик.

Тоа навистина не враќа од целата работа која сме ја направиле досега, во обид да се постигне родова еднаквост во Тонга. Новозеландската премиерка, Јасинда Ардерн, вели дека програмата за помош на нејзината земја во Тонга не била загрозена од забраната, но таа не се согласува со ова.

„Како ученичка на училиште, играв рагби и јас ги охрабрувам сите млади жени да се вклучат во она за што се заинтересирани“вели Ардерн. „Ние нудиме финансирање на Тонга за да ги поттикнеме децата да учествуваат во спортот. И така, би можела една млада жена да го прави тоа, преку нејзиното село, иако забраната е направена од училиштата.“

На социјалните мрежи, голем број луѓе искажаа бес кон забраната, затоа што Министерството за образование вели дека е потребно да се „зачува достоинството на Тонганките и да се задржат тонганските културни вредности“.

Главниот образовен службеник, Ману Акау’ола, изјави дека директивата е нарачана од министерот за образование, Пенисимани Фифита, поради загриженоста дека децата пропуштиле многу часови поради циклонот Гита, невреме од петта категорија која го погоди островот во февруари.

„Неговата одлука не значи дека не поддржуваме спортски активности, туку е донесена само за да се надомести изгубеното време поради циклонот.“, вели Акау’ола.

Превод Гардијан Стефан Митиќ